| четврток, 6 декември 2018 |

Тарчуловски ќе обезбеди 24-часовна служба за пензионерите во Кисела Вода

Кисела Вода е една од најстарите општини во Скопје и истата е поделена на рурален и урбан дел и ние треба да ги споиме и да направиме еден дел каде што сите ќе бидеме подеднакво инволвирани и задоволни во општината, вели кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски во емисијата „Алфаскоп“ на телевизија Алфа.
-Мораме да ја унапредиме општинската администрација затоа што имаме некои процедури како легализацијата која е многу бројна и немаме толкав капацитет да ги завршиме сите случаи. Ние имаме преку 15 илјади случаи за легализација во Кисела Вода и верувајте дека општината сака да ги реализира тие објекти бидејќи со нивна легализација општината добива плус пари од данокот за нивна легализација. На луѓето им ветивме дека ќе го прошириме одделот кои се занимава со легализација на објектите и многу побрзо ќе ги легализираме сите објекти, потенцира Тарчуловски.

Тој во врска со младите и неговите проекти вели дека во Кисела Вода имаат индустриска зона и истата мораат да ја стават во еден систем и од сите фирми да се направи регистар, а исти регистар да се направи и на сите млади невработени лица до 29 години кои чекаат работа бидејќи многу ќе биде важно доколку некоја од фирмите бара работник кој веќе живее во општината за да се спојат истите.

-Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред некој ден кажа дека уште кога бевме на власт во преговори беа околу 30 фирми кои треба да инвестираат во Македонија и тие фирми ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донесе ако победи во Кисела Вода, Гази Баба и Бутел и тоа ќе биде позитивен удар бидејќи ќе се вработат многу луѓе. Освен ова во Кисела Вода најавуваме и нова катна гаража во населеното место Расадник како и две нови градинки едната во Расадник, а ќе се направат и специјални сензор соби за дечињата со попреченост. Освен за најмладите во Кисела Вода во иднина ќе се грижиме и за пензионерите кои се некаде околу 12 илјади на број и нашите ветувања се дека сите пензионери треба да се групираат во пензионерски клубови и таму мора да се подигне комуникацијата меѓу нив, а освен тоа ќе ги прошириме и нивните капацитети, истакна Тарчуловски.

Тој вели и дека ќе се воведе 24 часовна служба во корист на граѓаните на општината која ќе се занимава со самохраните пензионери и на истите ќе им помага околу техничките домашни работи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top