Чешката владејачка социјал-демократска партија ЧССД на премиерот Бохуслав Соботка најави дека оди во опозиција по поразителниот исход на денешните избори на кои, според досегашните резултати, спаднала на околу 8 проценти од гласовите, за разлика од 20-те проценти што ги освои на последните избори.
Милијардерот Андреј Бабиш и неговата АНО партија убедливо победија на изборите со очекувани над 30 проценти од гласовите, пред десничарската партија СПД на јапонско-чешкиот бизнисмен Томио Окамура, која освои 11,6 проценти од гласовите, јави германската новинска агенција ДПА.
Бабиш беше во коалиција со партијата на Соботка и ја држеше функцијата на министер за финансии, но по несогласувања и меѓусебни обвинувања за корупција, Соботка најави дека нема да се кандидира по втор пат за премиер, додека Бабиш ја поведе својата партија во политички судир со социјал-демократите.
Место во Парламентот ќе избори уште една партија од досегашната коалиција – демо-христијаните – како и Комунистичката партија, Партијата на пиратите.
Бабиш се појави чешката политика пред четири години, кога на изненадување на аналитичарите, освои второ место на парламентарните избори, по што станаа дел од владејачката коалиција. Медиумите го нарекуваат „чешки Доналд Трамп“, поради неговото богаство кое го стекна во медиумскиот бизнис и земјоделието. Бабиш беше обвинет за измама со евросубвенции и за соработка со тајната полиција за време на комунизмот. АНО, слично на повеќето чешки партии, силно се противи на механизмот на ЕУ, според кој со квоти се прераспределуваат бегалците, а нејзиниот лидер е критички расположен кон Унијата и е против определување датум за профаќање на еврото. Сепак, анти-имигрантската партија СПД Окамура предничи во противењето на бегалските политики на ЕУ, велејќи дека исламот е „идеологија на омраза” и се спротивставува на барањето на НАТО земјите-членки да потрошат два проценти на одбраната од бруто домашниот производ, а бара и референдум за ревизија на членството на Чешка во ЕУ.
Комунистичката партија на Чешка и Моравија одржува пријателски односи со владејачките комунисти на Куба, Кина и Северна Кореја. Според некои предизборни комбинации, социјал-демократската ЧССД партија најавуваше дека е можно да се обиде да формира коалиција со комунистите, што беше лошо прифатено во јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.