Што се случи на 15 октомври, е прашање на кое има еден одговор – загуби ВМРО-ДПМНЕ, но најголем губитник е Македонија.
Секој што од било кои причини се сити на поразот на ВМРО-ДПМНЕ, треба да го има ова на ум во периодот што претостои. Секој оној пак, што гласал за Социјал-демократскиот сојуз исто така треба да има на ум дека придонел за текот на настаните кои што ќе следат. Тие сметаат дека гласале за подобро. Јас им тврдам дека гласале за полошо! Многу полошо и тоа многу скоро ќе го почувствуваат на своја кожа.
На прашањето пак, „зошто загуби ВМРО-ДПМНЕ?“, уште долго време ќе се анализира и дебатира.
И јас како и многумина се прашувам зошто голем дел од македонскиот народ донесе ваква одлука? Дали резултатите се одраз на изборен инженеринг и украдена волја на гласачите? Дали е тоа казна за лошите политики од претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ? Дали е разочараност од 27 април? Или пак можеби е поддршка за политиката на Заев за тиранската платформа, договорот со Бугарија и конечно промената на името?
Факт е дека овие избори беа едни од најлошо организираните, на кои за прв пат беше убиен кандидат! Факт е дека беа регистрирани голем број случаи на физички напади, закани, уцени, притисоци и поткуп… Можеме само да замислиме колку пари се фрлени за поткуп на гласачи и колку такви случаи не се регистрирани. Но сето тоа без документација ќе остане во сферата на шпекулациите. Факт е дека странците го поддржаа изборното насилство преку премолчување на сето она што се случуваше и ваквиот однос не е неочекуван, знаејќи колку од овие избори му зависи кариерата на премиерот, пардон, амбасадорот Бејли. Дали ВМРО-ДПМНЕ треба да поднесе приговори на сите нерегуларности и да бара санкционирање? Апсолутно да! Дали тоа ќе ја промени фактичката ситуација? Секако дека не, но сите настани и прекршувања на изборниот процес мора да останат регистрирани, за на некои следни избори да имаме нов репер за „фер и демократски избори“ какви што ги оценија ОБСЕ/ОДИХР и американската амбасада. Добро е да знаеме што подразбираат фер и демократски и добро е да чуеме дека „не постоеле идеални избори, затоа што во нив учествувале живи луѓе“. Ви благодариме за просветлувањето.
Аналитичарите на актуелната власт тврдат дека резултатите се одраз на незадоволството на народот од практицирањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Со оваа теза делумно ќе се сложам, затоа што многу пологична ќе беше на 11 декември, отколку сега. Зошто? ВМРО-ДПМНЕ по три години жестока пропаганда и силен меѓународен притисок, лани на 11 декември освои само 30.000 помалку гласови од 2014 година. Значи не само што го задржа гласачкото тело, туку и ги разби сите сценарија и лажни обвинувања за фантоми и украдени 200.000 гласови.
Неколку месеци подоцна, ВМРО-ДПМНЕ кое нели веќе е во опозиција изгуби дополнителни 120.000 гласови. Ако народот не беше задоволен од ВМРО-ДПМНЕ нели пологично беше да го казни лани кога беше власт? Некој на ова ќе одговори- ВМРО-ДПМНЕ до сега беше власт на локално ниво, и казната се однесува на нивните градоначалници исто така . Би ја прифатил оваа теза ако резултатите дадеа простор да поверувам дека навистина народот казнувал лоши градоначалници, но истовремено ги наградил со нов мандат оние од кои биле задоволни. Мојот впечаток е дека народот воопшто не гласал за кандидати туку излегол на гласање со друга побуда. На крај на краиштата, листата на кандидати на СДС беше толку очајна што оваа теза никогаш не би поминала кај здраворазумен човек. Ова не значи дека и внатре во ВМРО-ДПМНЕ не би требало да се позанимаваат анализа на одлуките.
Но, најлогична теза според мене е дека главната причина за падот на ВМРО-ДПМНЕ е разочараноста на граѓаните, од нивниот однос по 27 април и од лесното предавање на власта на квислинзите и оставање на народот на улица сам. По 27 април, јавноста се уште чека логично објаснување зошто народот што ја бранеше државата се влече по судови, а предавниците не завршија зад решетки?
За воља на вистината и меѓу оваа група разочарани и меѓу оние казнувачите на груевизмот, има уште една категорија на граѓани, можеби најбројна, популарно наречени-властољупци. Тоа е онаа маса гласачи која во декември очекуваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт и дека ќе ги задржат бенефициите од тоа, а сега се приклонуваат на новата власт единствено очекувајќи да ги задржат привилегиите од претходната власт, без да ги интересира последиците кои ќе следуваат од практицирањето апсолутна власт од СДС.
Најлогичен заклучок е дека сите овие причини, помалку или повеќе, влијаеле на исходот од гласањето, а ваквиот исход пак, драматично ќе влијае на понатамошниот тек на настаните што ќе следуваат. За жал, на полошо.
Ситуацијата многу мудро ја искористија сценаристите, а резултатот го препишаа како заслуга на квислингот Заев за да му дадат дополнителна поддршка да продолжи со неговата досегашна уништувачка политика. Конечната бројка му сега му дава зелено светло на Заев да продолжи со спроведување на тиранската платформа, со бришење на историјата во интерес на Бугарија и конечно со промена на името по желба на Грција како услов за влез во НАТО. Во една ваква ситуација, Заев воопшто нема да биде комотен. Напротив, ставен е во тесно – веќе нема простор да „ги дрибла“ сите околу него, туку ќе мора да го реализира тоа за што е инсталиран на власт. Во вакви услови тој не може да ги задоволи сите што му помогнаа да ја преземе власта. Затоа, некој во блиска иднина ќе биде многу изненаден и разочаран од неговите одлуки.
До скорото будење на мнозинството, за жал државата ќе претрпи такви штети, што нема да ја биде препознатлива. Тогаш трагајќи по виновниците, освен што ќе биде неминовна казната за предавниците, ќе мора и самите да се погледнеме во огледало и да си признеме дека имаме дел од одговорноста за сето тоа.
Да живее Македонија!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст