| четврток, 6 декември 2018 |

Марија Шарапова го освои финалето на Тијанџин опен во Кина

Марија Шарапова ја освои својата прва ВТА титула по враќањето од допинг-суспензијата откако во борбен меч ја совлада младата Белорусинка Арина Сабаленка со 7:5/7:6(8) во финалето на Тијанџин опен во Кина.

Русинката се врати на тенисот во април по 15-месечната суспензија поради позитивен тест на мелдониум на Австралискиот опен во 2016 година, а потоа имаше доста проблеми со повредите. Ова е нејзина прва титула од мај 2015 година, кога победи на мастерс турнирот во Рим.

До победата, популарната Маша стигна тешко откако 19-годишната Сабаленка (102. на рејтинг-листата) водеше со 4:1 во првиот сет и 5:1 во вториот сет, но петкратната гренд-слем шампионка Шарапова покажа одлична борбеност за да стигне до својата 36. титула во кариерата.

На Шарапова оваа година прво не ѝ беше дадена вајлд-карта за настап на Ролан Гарос, а потоа се повреди во сезоната на трева, за својот кам-бек на гренд-слем турнирите да го има на УС опен, каде што стигна до четвртото коло. Таа беше 86. на ВТА-листата оваа недела, но од понеделник ќе има значителен скок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top