| четврток, 6 декември 2018 |

Навреме и без проблеми се гласа во Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман

Навреме беа отворени гласачките места и без проблем тече гласањето во неколку општини од Тиквешијата.

Претседателот на Општинската изборна комисија Кавадарци Зоран Костов рече дека засега не се регистрирани никакви инциденти при гласањето и тоа поминува во најдобар ред.

– Се надеваме дека така ќе биде и во остатокот од денот, нагласи тој.

И претседателката на неготинската општинска изборна комисија Нетка Веселинова изрази задоволство од стартот на изборниот ден и поради тоа што мирно тече гласањето на локалните избори.

– Навреме ќе ја информираме јавноста за текот на гласањето и излезноста, додаде таа во нејзината прва изјава за денеска.

Дека без проблеми почна и трае гласањето и во Демир Капија соопшти и Стојна Топчиева, претседателка на Општинска изборна комисија Демир Капија.

– Очекуваме така да биде во текот на целиот ден, да имаме фер и демократски избори на кои гласачите ќе можат слободно да си го дадат својот глас по свое сопствено убедување, рече Топчиева.

Без инциденти стартуваше и се одвива и гласањето во Росоман, информираа од изборната комисија во оваа општина.

Вчера без проблеми гласаа болните и изнемоштените.

Во Кавадарци гласаа 83 болни и изнемоштени, а избирачкиот список брои 32.671 избирачи. Денес се гласа на 60 избирачки места.

Во Неготино вчера гласаа 84 болни и изнемоштени неготинци. Бројот на избирачи е 16.073, а денес се гласа на 27 избирачки места.

Во Демир Капуја вчера беше во тек гласањето од страна на 49 болни и изнемоштени. Вкупниот број на граѓани со право на глас во избирачкиот список е 3.405, а денес своето уставно право на глас демиркапијци ќе можат да си го остварат на 11 избирачки места.

Триесет и едно болно и изнемоштено лице гласаа во текот на вчерашниот ден во Росоман. Во избирачкиот список се евидентирани 3.410 избирачи, а денес росоманци можат да избираат на десет изборни места. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top