| четврток, 6 декември 2018 |

Бројот на доктори на науки во Србија се зголемил за 880 проценти

Бројот на доктори на науки во Србија за девет години, односно од 2007 до 2016 година, се зголемил за 880 проценти.

– По глава на жител, имаме помалку студенти на милион жители отколку во ЕУ. Но, имаме повеќе докторанти. Овој парадокс не може да биде нормален, изјави професор д-р Владимир Костиќ, претседател на Српската академија на науки и уметности.

Пред десет години, во 2007 година, универзитетите во Србија доделиле 206 докторски титули. Само пет години подоцна, 2012 година, бројот на оние кои можат да се потпишат со „доктор“ се зголемил за 270 проценти. Таа година, Србија добила 770 доктори на науки. Најголемиот пораст се случил лани, 2016 година, кога на српските универзитети биле одобрени 2.012 докторати.

– Мислам дека државните универзитети се подобри од приватните и нека се лутат колегите од приватните. Но, од друга страна, не можам да кажам и да ја прифатам целосно „мантрата“ дека сето ова  е резултат на постоењето на приватни високообразовни установи, оти приватните универзитети и факултети учествуваат во овој број со 190 дисертации, што е под 10 проценти, изјави проф. д-р Костиќ.

Според податоците, за бројот на 2.012 нови доктори научници во 2016 година, најмногу придонел Универзитетот во Белград. Лани, титулата доктор на најстарата српска високообразовна институција била доделена 1.133 пати.

Во споредба со 2007 година, кога биле издадени 206 докторски дипломи, во 2016 година бројот на доктори на науки се зголемил за речиси 880 проценти, пишуваат српските медиуми

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top