| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: 15-ти октомври е името на новата ера, новата љубов, новата возбуда и новата победа

Македонија, нашата љубов, нашата светлина, нашата татковина. Македонија, нашата судбина. Македонијо, се поклонуваме пред тебе, ние, твоите луѓе, твоите граѓани. Од се срце ги поздравувам сите кои дојдоа од сите места, од сите делови и страни на Скопје и кои додаваат сила на нашата сила, додаваат возбуда на нашата возбуда, додаваат ентузијазам на нашиот ентузијазам. Да го поздравиме Скопје. Да ги поздравиме Гази Баба, Аеродром, Чаир, Кисела Вода, Бутел, Центар, Карпош, Шуто Оризари, ве поздравуваме! Ѓорче Петров и Сарај, ве поздравуваме! Од името на овие граѓани, ја поздравувам цела Македонија. Го поздравувам секој еден граѓанин на Република Македонија од срце, со љубов, почит и искреност – вака лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски го започна својот говор на вечерашниот митинг во Скопје, последен пред локалните избори закажани за оваа недела.

Тој посочи дека вечерва е собир на храбрите, одлучните и посветените луѓе кои ги здружуваат силите за да ја кажат громогласно волјата на македонските граѓани на 15-ти октомври, голема средба на граѓаните на Македонија кои сакаат мир, спокојство, единство, кои сакаат еднаквост, нови проекти и правда, голема средба на Македонија која сака развој за своите градови и села, решенија за проблемите и посветла иднина за нашите деца.

15-ти октомври е денот кога ќе се одлучи нашите градови да добијат помодерен изглед, нашите луѓе да бидат посреќни и побезбедни. 15-ти октомври е името на новата ера, новата љубов, новата возбуда и новата победа! ВМРО е родено од срцето на нашата нација која имаше визија и посакуваше најдобра иднина за Македонија и никогаш не се штедеше во пожртвуваноста да го оствари тоа. Ние сме предводници на голема кауза, и предци на еден голем и велик пат. Има милиони луѓе кои многу придонеле во нашата организација и чекореле на овој пат заедно со сите нас. Има многубројни херои кои чекореле по овој пат со нас и кои оставиле трага служејќи и на оваа земја. Македонија напредуваше многу со нивниот беспоштеден труд и макотрпна работа. Кога го продолживме нивниот пат, ветивме едно нешто: Ќе работиме дење и ноќе со сета наша енергија, со сета наша сила за Македонија и со забрзани чекори ќе ја внесуваме нашата земја таму каде што заслужува, меѓу развиените земји во светот – рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top