| четврток, 6 декември 2018 |

Повлекување од НАФТА, САД ќе ги чини губење на 50.000 работни места

Американската индустрија за авто делови би можела да загуби до 50.000 работни места ако се прекине северно- американскиот договор за слободна трговија, а компаниите мора да платат повисоки тарифи за испорака на производи во Мексико и Канада, покажува истражувањето објавено денеска.
Четвртата рунда на преговорите меѓу САД, Канада и Мексико, ќе се одржи неделава во Арлингтон, Вирџинија, во обид да се ревидира 23-годишниот договор, со кој се овозможува слободен протокот на возила и делови низ целата граница.
Администрацијата Трамп се заканува дека ќе се повлече од Договорот за слободна трговија во Северна Америка (НАФТА), ако не може да постигне нов аранжман со Мексико и Канада, во корист на САД.
Повлекувањето од НАФТА, ќе резултира со целосно враќање на тарифите според правилата на Светската трговска организација, според студијата на Бостон Консалтинг груп спонзорирана од Здружението на производители на делови за автомобили.
Во американската автомобилска индустрија се вработени околу 870.000 работници.
Инаку, Договорот за слободна трговија во Северна Америка (НАФТА) е договор меѓу Канада, Мексико и САД, со кој се создаде трговски блок во Северна Америка.
Договорот стапи на сила на 1 јануари 1994 година. Тој го замени Договорот за слободна трговија помеѓу Канада и САД. Гледајќи го вкупниот бруто домашен производ на овие три земји, мерено со куповната моќ, овој сојуз е најголем во светот.
Главните цели на договорот се да се отстранат пречките за трговија и да се олесни движењето на стоки и услуги помеѓу земјите- членки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top