Штипјанецот Зоран М. и неговиот пријател Бранко Ј. помогнаа да се отвори првата радиостаница на опозицијата во Северна Сирија. Тие во март годинава биле во градот Чобанбеј, кој се наоѓа на околу 40 километри од границата со Турција.

Деца на Револуцијата во Северна Сирија
Четириесет и седумгодишниот Зоран и педесет и тригодишниот Бранко, кои се електротехничари и имаат искуства околу монтажа и инсталација на радиопредавателна опрема, преку една невладина организација, која отвора радиостаници низ многу држави во светот, добиле понуда да заминат во Сирија и да помогнат во инсталацијата на првата опозициска радиостаница во Северна Сирија. Целата територија била покриена со радиосигнал на државното радио и со пропагандата на Асад, а во овој дел немале никаков сигнал од опозицијата, немало вести од опозицијата за граѓанската војна што е во тек и која однесе илјадници животи.

Зоран (лево) со техничарите и Бранко (десно)
За време од десетина дена, тие обучиле тројца техничари за работа во радио, а цело време биле во друштво на новинарот Тарик, кој им бил еден вид домаќин. Кај него спиеле пет ноќи и бил многу гостољубив. Имале многу храна и големо почитување.
– Откако ја направивме радиостаницата, првата песна што ја пуштив беше „Игри без граници“ од Тоше Проески. Цело време им пуштав песни од Тоше и, да ви кажам, им се допаднаа. Никој не знаеше англиски, едвај се разбиравме, а интересно е што сите слушаат радио на мобилните телефони. Кога ставивме еден мобилен за програма во живо, стотина луѓе се јавуваа. Тешко се доаѓаше до електрична енергија, па речиси секој дом имаше агрегат. И радиостаницата работеше на агрегат – вели Зоран.

Бранко низ барикадите
Како што вели, постои традиција во Сирија, кога се оди на гости, мора прво да се пие чај, кафе и да се запали цигара. Ако се одбие, тоа е еден вид навреда.
Најголемо прашање била безбедноста, но вели дека иако имале обезбедување, кое 24 часа било со нив, во една пригода имале несекојдневно искуство да влетаат во пресметка во Чобанбеј, град со 15.000 жители, од кои поголем дел бегалци, кои нашле засолниште бидејќи опозицијата го освоила. Зоран и Бранко влетале во десетминутна престрелка, за среќа, без поголеми последици бидејќи нападот бил одбиен, а тие брзо биле пренесени на безбедно место.

На ручек кај Тарик
– Мислам дека беше некоја паравоена група, ја нападна блиската команда на полицијата, каде бевме на гости. Но, за среќа, бргу беа одбиени, па сѐ беше во ред. Ние цело време бевме во зградата, заштитени и обезбедени. Ни беше чудно, ама сите носат оружје, како што секој кај нас има мобилни – додава Зоран.
Радиото го финансирал бизнисмен по име Али, за кој Зоран вели дека не знае од каде точно потекнува, но дека бил многу познат во цела Северна Сирија бидејќи имал многу пари и контакти. Вели дека имал четири сопруги и 11 деца. Зоран вели дека не знае дали би се вратил пак, но ова искуство од прва рака во Северна Сирија било повод малку поинаку да гледа на работите во животот. Ако не друго, нивната вештина помогнала да се слушне и поинакво мислење за состојбата во Сирија.

Пишува: Драган Ристов
Текстот е објавен во 40-от број на неделникот „Република“ (7 јуни 2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
САД воведоа нови санкции за Русија, Москва смета дека е реванш за Сирија
-
Нови напади на Сирија: Соборени 9 ракети (видео)
-
Сирија од минута во минута: Асад порача: Сиријците не се плашат од НАТО, сега видовме дека оружјето им е застарено! (видео)
-
Српски дипломат тврди: Се знаеја и времето и метите за нападите во Сирија!


