| четврток, 6 декември 2018 |

Успешни меѓународни изведби на дела од композиторката Јана Андреевска

Изминатиот период за композиторката Јана Андреевска помина во знакот на неколку значајни меѓународни претставувања на нејзините дела, од страна на домашни и странски уметници. Имено, во рамките на Фестивалот за нова музика (Hörfest Neue Musik) во Детмолд, Германија на концертот на Ансамблот Horizonte на кој како гостина настапи пијанистката Хајди Елзесер од ArtWork Ensemble беше изведена композицијата „Elective Affinities“, додека композицијата „…am I a falcon, a storm or an unending song?” за гудачки квартет беше изведено на завршниот концерт на фестивалот на кој настапија Мареике Нојман (виолина), Ирис Марон (виолина), Марија Паче (виола) и Мартина Стипа (виолончело).

Темата на осмото издание на Фестивалот за нова музика носеше наслов „Исповеди“. Програмата на фестивалот секоја година се обединува околу специфична тема, нудејќи впечатливи погледи наназад кон она што е веќе познато и цврсто втиснато во слушното искуство – а тоа, и покрај тоа што поголемиот дел од делата со својот бескомпромисно модерен звучен јазик се сè уште актуелни. Ова не е првпат дело на Андреевска да е вклучено во фестивалската програма – во 2015 година таа за прв пат учествуваше на истиот фестивал со композицијата 2.2.4 to 4.4.2 за четирирачно пијано (тогаш во изведба на извонредните Хајди Елзесер и Зоран Лечиќ), а тогашната тема на фестивалот беше „Сцени и визии“.

„Навистина претставува огромна чест програмскиот одбор на фестивалот да вклучи дури две мои дела во рамките на еден ист фестивал. Обично се избегнува едно име да се повторува двапати. И претходно ми се има случено истото, во 2004 година, кога на фестивалот за современа музика во Оденсе, Данска, во рамките на претставувањето на балканската современа музика само јас бев застапена со две композиции. За такви исклучоци веројатно треба да има добро оправдување. Како и да е, тоа е за мене посебен комплимент, особено што доаѓам од мала земјата како Македонија, не сум некое големо име, зад мене не стојат ни менаџери ни издавачки куќи кои обично се борат за пласман на делата – тоа значи дека самите дела си го отвориле патот.“ – вели Андреевска.

Концертот на кој беше изведена првата композиција и самиот беше насловен со германската верзија од насловот на композицијата Die Wahlverwandtschaften = Elective Affinities („Изборни афинитети“ – наслов инспириран од истоимениот роман на Гете), што според Андреевска доволно зборува за степенот до кој оваа композиција се вклопила во тематската замисла за програмата. Во останатиот дел на програмата без изведени и дела од македонскиот композитор Михаило Трандафиловски и од светски познати имиња како Дејвид Ланг и Ѓакинто Шелси.

Втората изведена композиција на фестивалот е всушност и најизведуваното дело на Андреевска со наслов „…am I a falcon, a storm or an unending song?” (Сокол ли сум, бура или бескрајна песна?) инспирирана од поезијата на Рилке (Книга на часови) и заснована на Прелудиумот од Баховата Соната за соло виолина во це-мол BWV 1005.

„Концертот на кој беше изведено ова мое дело беше со наслов „Рај и Пекол“, многу соодветен контекст, со кој, особено ако се земе предвид фактот дека беше изведено покрај легендарниот гудачки квартет на Џорџ Крамб, „Црни ангели“ (Black Angels) бев повторно исклучително почестена. Сите композитори со кои бев во друштво ми се всусхност едни од најомилените.“ – додава Андреевска.

Покрај изведбите на фестивалот во Детмолд, композицијата „Студија“ за препарирано пијано беше дел и од програмата на трите концерти на нашата реномирана пијанистка Ана Гацева во рамките на нејзината турнеја во Холандија (на 24 и 30 септември и 1 октомври).

„Ана ми е исклучително драг пријател и соработник и редовно ја изведува мојата музика покрај делата на останатите македонски композитори (Мајкл Бакрнчев и Кокан Димушевски) кои ревносно ги презентира на сите нејзини настапи надвор од земјата. Како што ми пренесе таа, сите дела на македонските композитори доживеале одличен прием кај публиката, а ако се има предвид дека концертните серии во рамките на кои таа настапи не се специјализирани за современа музика, тоа е уште една потврда дека станува збор за квалитетна и убава музика пред сè, која не мора да се изведува во строго гетоизирани услови.“ – истакнува Андреевска.

До крајот на годината Андреевска ја очекуваат повеќе ангажмани и меѓународни изведби. Од 11 до 14 октомври таа ќе присуствува на Генералното собрание на ECSA како долгогодишен претставник на СОКОМ и претседател на Уметничкиот одбор на ECCO (European Contemporary Composers Orchestra). Во ноември пак, таа ќе биде дел од жирито за избор на програмата на концертот на ECCO што ќе се одржи во Брисел во февруари 2018 година со реномираниот Диотима Квартет, а нејзино дело ќе биде изведено на концертот на Гудачкиот квартет Антарја од Полска, во рамки на фестивалот „Бунт“ во Белград. На крајот на годината се очекува да биде објавено и нејзиното прво авторско ЦД, во издание на СОКОМ и МИЦ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top