На централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Крива Паланка, пред граѓаните се обрати претседателот на партијата, Никола Груевски. Тој кажа дека искрено и од се срце го поздравува граѓаните поради ентузијазмот, нивната љубов и решителност, одлучност и храброст.
– Остануваат уште само неколку дена, и мигот на одлучување дали ќе продолжи слободното паѓање или ќе биде сопрено и ќе почне новата ера. Се приближуваме до 15-ти октомври. Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори, вашата одлука е многу важна – не е само, уште една обична одлука, таа е важна одлука, изјави Груевски.
Груевски кажа дека на овие избор не гласаме само за нашите градоначалници, за нашите градови и села, туку сите ние заедно ќе одлучиме каква ќе биде Македонија по 15-ти октомври.
-Вашата одлука е конечна. Вие го имате последниот збор. Ова е ваш град, ова е наша држава и одлуката е ваша. Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и села и за иднината на нашата држава, само вие одлучувате, а не некој друг. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот на оваа наша држава. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда. Нашата љубов е заедничка со нашиот народ. Нашата љубов е заедничка со нашата земја, изјави Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека тие не се едни од оние кои бараат гласови, ги добиваат и ги забораваат луѓето уште наредниот ден.
-Ние не сме едни од оние кои ги бараат гласовите на граѓаните, а ја добиваат својата сила од некои други, кои имаат поддршка од друго место. Кои велат подржете не за да продолжиме да работиме за туѓи интереси. Ние сме партија на граѓаните на Македонија, и ние сме гаранција за силна Македонија, тоа е ВМРО-ДПМЕ и тоа е коалицијата за подобра Македонија, изјави Груевски.
Тој кажа дека сите знаат каква промена, развој и раст доживеа Македонија во последните 10тина години. Дека сите знаат каде сме биле како држава пред 11 години, а каде била државата кога ВМРО-ДПМНЕ ја препуштиле власта пред пет месеци.
-Каде и да одам, во сите мои говори, секогаш зборувам за работите кои сме ги направиле, за проектите кои сме ги реализирале, за успехот кој заеднички го создаваме. И има многу работи да се кажат затоа што тоа сме ние, а работата и посветеноста останува наша карактеристика. Истовремено зборувам и за јасно дефинирана и добро промислена визија и цел за иднината. За тоа што во иднина ќе го направиме.Но ве прашувам, за што зборуваат тие? Тие зборуваат со клевети, лаги и празни зборови, изјави Груевски.
Груевски потенцираше дека нивната политика е политика на празни зборови, дека тоа е политика на клевети.
-Тоа е политика на навреди, секојдневни навреди. Тоа е политика на креирање тензии и заплашување, политика која креира многу афери, корупција, криминал. Тие знаат само да палат, укинуваат и уништуваат. Сите мора да го знаат следново: Ние не се плашиме од никого, ние сме ВМРО, ние сме коалиција и не се плашиме од никого и никаде. Ги посветивме нашите срца, мисли и животи за оваа кауза. И не се откажуваме од нашата земја. Се додека нашиот народ, нашите граѓани тоа го сакаат, ние ќе стоиме исправено и гордо, подготвени спремни да работиме и помагаме, изјави Груевски.
Тој кажа дека тие никогаш нема да застанат, нема да се предадат, никогаш нема да заборават и да го сменат својот правец на развој на земјата.
-Ќе продолжиме да ги исполнуваме нашите ветувања, да работиме, да нудиме проекти и решенија. Тие не се способни да го прават тоа. Тие не се способни да даваат решенија и да создаваат проекти. Погледнете што се случува, тие им велат на луѓето, ,,гласајте за нас”. Луѓето секако ќе ги прашаат, добро ,,Македонија и нашите градови имаат проблеми. Што ќе вие преземете за тоа?” Кои се вашите проекти, ветувања, визија за да? Што велат тие? „Ние ветуваме воздух, граѓаните ќе добијат воздух“. Тоа е потценување на народот. Нивниот главен проект е воздух. Благодарение на Бога, поредокот во природата ни обезбедува воздух. А Бог дарува и живот, а тие ветуваат и живот. Две работи кои не зависат од нив, токму тие две работи ги ветуваат. Тоа е потценување, на сите, на оние што ги поддржуваат и што не ги поддржуваат, изјави Груевски.
Груевски им порача на граѓаните дека нема да слушнат решенија, нема да слушнат идеи за подобар живот туку флоскули, апстрактни поими.
-15 октомври е и можност за испраќање на порака, ваша порака, од сите вас граѓани. На овие избори ќе се гласа за тоа дали согласувате извозот да продолжи да паѓа, или економијата да оди напред, како што беше во наше време? За тоа дали капиталните инвестиции кои ги преполовија од 25 милиони евра месечно на 14, ќе продолжат да паѓаат, или ќе се вратат назад и ќе почнат да се зголемуваат? Дали сте за повисоки даноци кои ги најавуваат, или за најниски кои ние ги овозможивме? Дали сте за плати кои ги намалија, или за плати кои реално ние ги зголемувавме? Дали сте за филмски измами и измислени инвестиции како онаа аферата за САНОС, тендери и пари само за луѓето од власта, или за реална поддршка на стопанството каква ние овозможувавме, праша Груевски.
Груевски кажа и дека пензионерите ќе испратат порака дали се за пензии кои не се зголемуваат, или за редовно покачување на нивните примања какво правевме сите изминати години додека ВМРО-ДПМНЕ ја имаше одговорноста.
-Земјоделците ќе пратат порака дали се за тоа ако немаат повисок принос во годината да немаат субвенции, или субвенции кои постојано растат, граѓаните дали веруваат во лажните ветувања за радиодифузна такса која е иста, или евтина струја која реално ја нема? На 15 октомври испраќате порака за тоа дали се согласувате со рекетот кој го вратија по улиците, криминалот кој длабоко навлегува во секоја пора во општеството да продолжи или треба да му се стави крај? Народот ќе одлучи за штетниот договор со Бугарија, кој се потпиша но не е ратификуван од нашиот Парламент, и дали Илинденското востание е бугарско или македонско, дали Гоце Делчев е македонец или бугарин? Дали сте за комисии со грција за договорање на комисии за ревидирање на историјата и ревидирање на учебниците по историја, или не сте за тоа, праша Груевски.
Тој кажа дека одлуката е на народот, дека тие одлучуваат, а дека во секое поле гледаме неспособност и аматеризам.
-Тие се приправници. И затоа ќе кажам, кога сакате да ви се поправи колата, ја носите кај помошникот или кај вистински мајстор? Кога сакате да ви се окречи куќата, викате приправник или вистински и искусен молер? Кога ќе го носите детето на лекар, сакате да го лечи некој кој досега не се докажал или искусен лекар? Кога отиде на кројач, одите кај некој неискусен или искусен кројач?Кога сакате да ја шишате косата, дали преферирате приправник или искусен фризер? Овие приправници се обидуваат да летаат авион, а ни велосипед не знаат да возат. И тоа не можат да го направат, изјави Груевски.
Груевски порача дека тие не можат да ги водат и управуваат нашите градови, тие се неспособни да ги решаваат проблемите на граѓаните. Кажа дека тие не можат да ја водат Македонија во потребниот правец.
-Настрана водењето на државата, две овци да им дадете ќе ги загубат. Тие никогаш не ги исполнуваат своите обврски. Но едно добро знаат да прават: да продаваат ветер и магла. ВМРО е мајсторот, ВМРО и коалицијата имаат способност, вештини, проекти, визија, храброст и резултати. Кога нешто ќе ветиме, секогаш сме доследни на нашите зборови. Кога ќе речеме дека нешто ќе направиме, ние секогаш исполнуваме. Ние сме ВМРО, ние работиме ние сме коалиција за подобра Македонија, ние исполнуваме, изјави Груевски.
Тој напомена дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ произлегува од проекти и решенија, дека решенијата и проектите ја формираат нашата политика.
-Ние зборуваме за тоа што ќе постигнеме. Ние зборуваме за тоа што ќе создадеме, ние имаме проекти за Македонија, ние имаме визија за Македонија, ние имаме решенија за Македонија. ние ја нудиме новата ера за Македонија. Новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера каде имаме парк во секое маало. Новата ера со 150 илјади нови работни места, со намалување на невработеноста под 10 осто. Кога можевме да ја намалиме од околу 40 на околу 22.5 осто, можеме да ја спуштиме и под 10 осто, ако можевме да вработиме 173 илјади лица за 11 години, ќе можеме уште 150 илјади за 10 години. Нова ера на двојно намалена невработеност кај младите и поголеми можности за стекнување со сопствен дом. Нова ера на 2.5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12 илјади долари. Тоа значи 2.5 пати побогати граѓани, но и 2.5 пати повеќе пари во државата за капитални проекти, нови патишта, нови водоводи, болници, канализации, нови училишта, улици, паркови, изјави Груевски.
Тој кажа дека тоа ќе биде нова ера на најниски даноци. Потенцираше дека ќе има поголеми плати, пензии, субвенции, нова ера на големи вложувања во екологијата.
-Во тоа се разликуваме, тоа е она што нашиот народ го бара од нас. Нашиот народ сака проблемите да му бидат решени. Тој сака неговите градови да се развиваат.Нашиот народ сака помала невработеност, повисоки плати, поквалитетно образование, подобри болници, повеќе и подобри градови. Затоа гласно викаме: Секогаш работа, секогаш Македонија, изјави Груевски.
Груевски во Крива Паланка им се обрати на сограѓаните кои минататите избори гласаа за СДСМ, тој кажа дека сака да им се обрати исрено и да ги покани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
-Придружете ни се за да изградиме посилна Македонија. Сите ние заеднички сме Македонија. СДСМ нема да донесе добро за никого. Тие можат само да затвораат работни места, да ги намалуваат приходите, да им го земат лебот на луѓето. Да донесат несигурна иднина за нашите деца. Тие се реална пречка. Пречка за подобро образование. Пречка за подобри услуги во здравството. Тие се пречка, пречка за подобро образование, за повеќе работни места, економски раст и развој. Тие се само пречка, порача Груевски.
Груевски кажа дека власта е во паника, дека се во паника затоа што им е јасен фактот дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе победат.
-Паничат видејќи ВМРО е посилно сега, го гледаат тоа. Тие ја гледаат возбудата кај луѓето, ентузијазмот, напорната работа, мотивираноста, одлучноста која ВМРО ја создава низ целата држава, од град во град, од село во село. И тие не знаат што да направат во врска со тоа. Затоа започнаа со неетички и неморални чинови. Им се тресат колената. Се обидуваат животот на нашите кандидати да им го отежнат колку што можат. Им се закануваат, им вршат притисоци. Ги саботираат. Се расфрлаат со кривични пријави кои се неиздржани и се исклучиво наменети за оцрнување. Ќе им порачам- не се плашиме од никого, никаде. Ваквите притисоци нема теорија да не обесхрабрат. Ниту една закана нема да не натера да клекнеме на колена, изјави Груевски.
Тој кажа дека што и да направите, што и да смислите, Македонија ќе ви одговори, ќе згрми громогласно и ќе си ја потврди својата слобода и независност, Македонија ќе продолжи да ја чува својата слободна волја.
-Нема сила која може да ја запре Македонија, а Македонија е секој еден од вас. Млад или повозрасен, земјоделец или работник, доктор или наставник, невработен или стечаец. Секој еден од вас, изјави Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии