| четврток, 6 декември 2018 |

Трајановски: Граѓаните на локалните избори гласаат за човек, за личноста во која имаат доверба

На 15 октомври ќе победиме во Кисела Вода, во Драчево, во Пинтија, во Црниче, Усје, во сите населби во општината, во Град Скопје… Ќе победиме затоа што тоа што го ветивме, тоа и го сработивме. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија е партија која, она што го ветува и го исполнува и дава отчет. Нашиот збор е наша обврска и ние од дадениот збор не отстапуваме. Граѓаните на локалните избори гласаат за човек, за личноста во која имаат доверба. Граѓаните гласаат за проверени и докажани кандидати. Граѓаните не ризикуваат со кандидати кои водат политика и ништо не работат, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, на големиот митинг во Кисела Вода.

Долго сум во локалната самоуправа. Имам големо искуство. Јас не водам висока политика, но тука има многу работа – градење сообраќајни коридори, водоводи, фекални канализации, паркиралишта, паркови и се она што им е потребно на граѓаните… На локалните избори во 2009 и 2013 година Вие, почитувани сограѓани, ми ја дадовте довербата да бидам градоначалник на Скопје. Тоа за мене беше огромна чест, но и голема одговорност да го исполнам ветеното. Плод на таа одговорност и посветеност се успешно реализираните проекти, заедно со мојот тим и администрацијата на градот Скопје. Денес, стојам пред Вас со гордо крената глава зашто зад себе оставам проекти кои доволно говорат за мојата посветеност за Скопје.

Реализиравме проекти, додаде Трајановски, кои го сменија ликот на Скопје, кои ја подобрија хигиената и проточноста во сообраќајот, го зголемија зеленилото, ја подобрија инфраструктурата…

Во изминатите 8 години, заедно со вас реализиравме капитални проекти кои го сменија ликот на Кисела Вода, го пробивме булеварот Борис Трајковски, го пробивме булевар Србија, нов коловоз имаат повеќе улици, изграден е капитален проект а тоа е нов кружен тек на бул. Србија, кај Цементарница, извршена е реконструкција на водоводни мрежи на повеќе улици во населба Црниче… Сето ова го направивме во соработка со градоначалниците Биљана Беличанец и Марјан Ѓорчев. Сакам јавно да им се заблагодарам за соработката и за нивниот придонес за Кисела Вода. И не само во Кисела Вода, морам да нагласам дека за првпат се реализираа проекти во сите 10 скопски општини, без разлика на политичката припадност на локалниот градоначалник, без разлика на мнозинската етничка припадност, без разлика дали населбите се урбани или рурални.

Сетете се, рече Трајановски, како изгледаше Скопје пред 2009 година.

Скопје беше град со мали и тесни улици и булевари, со гужва во сообраќајот, висок степен на нехигиена, стари автобуси, со закрчени раскрсници. Тоа е минато. Скопје денес прерасна во туристички град, град на младите, град на велосипедски сообраќај, кандидат за европски град на Култура, Енергетски ефикасен и зелен град. Скопје се приклучува на паметните градови. Сетете се каква беше Кисела Вода пред 2009 година, со Првомајска, како се влегуваше и излегуваше во Кисела Вода, сетете се на гужвите во сообраќајот. Но тоа е сега минато. Тоа е резултат на нашите дела, нашата посветена макотрпна работа.

Од овие избори, подвлече тој, почнува нова ЕРА на промени кон уште подобро, нови идеи за подобро живеење во главниот град и општините.

Во оваа програма за период од 2017-2021има проекти за сите 10 општини од градот Скопје. Во програмата има голем број на проекти и за општината Кисела Вода и сите овие проекти ќе ги реализираме во соработка со кандидатот за градоначалник на општината Кисела Вода, Јохан Тарчуловски, со Советот на општина Кисела Вода и на Град Скопје. Кандидатот за градоначалник на општината Кисела Вода, Јохан Тарчуловски е вреден, работлив човек кој ќе застане и посветено ќе работи за доброто на жителите на Кисела Вода и цврсто ќе продолжи да работи во сите населени места независно од нивата етничка припадност. Доаѓа НОВА ЕРА на НОВИ ПОБЕДИ И УСПЕСИ за сите нас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top