| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Ѓорѓиевски ќе изгради нова индустриска зона, рекреативен парк, повеќенаменски игралишта

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од митингот во Куманово истакна дека е предвидено во тој град да се изгради индустриска зона во тој град.

-Се планираше изградба на Технолошко-индустриска развојна зона, но за жал ребаланс на буџетот, новата власт ги скрати средствата за правење на ТИРЗ Куманово. Но, затоа се планира изградба на индустриска зона од страна на новата општинска власт на чело со Зоран Ѓорѓиевски, потенцира Груевски.

Вети реконструкција на голем број од локалните патишта.

-Се планира изградба на фекална канализација во селата Романовце, Клечовце, Ново Село, Љубодраг, Тромеѓа, во населбите Иво Тричковиќ и Ајдучка Чешма и на улицата Козјачка. Поставување тротоари во населбата Вера Которка и на улицата „Никола Тесла“. И изградба на водовод во селата Пчиња и Студена Бара, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека Куманово ќе добие рекреативен парк „Студена вода“ каде на површина од 10 хектари ќе има трим патеки за пешачење во локалната шума, патеки за велосипедисти, мултифункционално игралиште и реконструкција на локалниот асфалтен пат.

-Енормната загаденост во Куманово ќе ја намалиме со изградба на нови парковни површни во локалитет Проевце, минипарк во населба Гоце Делчев, минипарк во локалитетот Водовод, вели Груевски.

Потенцира дека постепено ќе се работи на решавање на проблемот со водоснабдувањето во општина Куманово.

-Ќе се изработи нов развоен градежен урбанистички план, како и изработка на нови сообраќајни решенија со цел зголемување на протокот на возила, како и за зголемување на сообраќајната сигурност, рече Груевски, додавајќи дека за тие проекти ќе бидат издвоени 200.000 евра.

Нагласи дека предвидена е изградба на три нови спортски сали во основното училиште „Наце Буѓони“, „Јеронин Дерада“ во селото Черкезе и во гимназијата „Гоце Делчев“.

-Предвидена е и изградба на повеќенаменски спортски игралишта во селото Пчиња, во село Режановце, во село Билјановце, населба Карпош, Агино село и Клечовце. Планирана е и изградба на градинки во населбата Карпош, Перо Чичо и 11 Ноември, како и реконструкција и проширување на постоечката во Гоце Делчев, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека на територијата на општината ќе бидат изградени 50 мини детски паркови.

Потенцира дека кандидатот за градоначалник на општина Куманово е гаранција дека се што има во програмата ќе биде исполнето.

-Зоран Ѓорѓиевски, доктор, хирург, угледен и семеен човек кој помогнал благодарение на својата професија на многу луѓе. Стабилен и одмерен, добро промислен, не дава лесно ветувања, но кога ќе ги даде стои зад нив. Добро знае што прави и што му треба на Куманово и заедно со советничката листа предводена од Драган Петковски верувам дека ќе биде вистинското решение, прво за победа, а потоа и за развој на Куманово, потенцира Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top