| четврток, 6 декември 2018 |

Како се случил масакрот во Вегас? Го скршил прозорецот на 32. кат од хотелот и почнал да пука во луѓе

Бројот на жртви во нападот во Лас Вегас е зголемен на 59, а 527 лица се ранети. Нападот се случил во неделата навечер на фестивалот за кантри музика “Route 91 Harvest”, а во хотелската соба на 32. кат, од каде напаѓачот пукал, биле пронајдени околу 10 парчиња оружје. Ова е најсмртоносно пукање во модерната историја на САД.

Шерифот на локалната полиција, Џо Ломбардо, рекол дека инспекторите пронашле 18 парчиња огнено оружје, експлозиви и неколку илјади куршуми во домот на осомничениот Стивен Крег Педок во Месквит, во Невада.

Педок извршил самоубиство пред упадот на полицијата.

Полицијата тврди дека извршителот на ова страшно злосторство, пензионерот Стивен Педок, нема полициски досие, додека во исто време одговорност за масакрот преземала таканаречената Исламска Држава, јавиле агенциите. Американските службеници, меѓутоа, велат дека нема докази дека Педок бил поврзан со исламистичките терористи, кои преку своите медиуми објавиле дека го прифатил исламот пред неколку месеци.

Полицијата смета дека станува збор за напад на изолиран поединец, или таканаречен “осамен волк”.

Местото каде се одржал концертот во неделата, и кое се нашло под рафалите, е од отворен тип и се наоѓа во јужниот дел од популарниот “стрип”, булеварот во Лас Вегас преполн со хотели и казина. Стрип се протега на 6,8 километри.

Педок во неделата навечер отворил оган од 32. кат на хотелот “Манделеј Беј” на посетителите на музичкиот фестивал “Route 91 Harvest”, на кој имало околу 22.000 луѓе.

Тој скршил два прозори на 32. кат од хотелот, од каде почнал да пука во луѓето. Се претпоставува дека оддалеченоста од местото каде пукал до местото каде се одржувал концертот изнесува 300 метри во воздушна линија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top