| четврток, 6 декември 2018 |

„Камп ноу“ под клуч, ФК Барселона утре ќе се придружи на генералниот штрајк во Каталонија

Фудбалскиот клуб Барселона најави дека ќе го поддржи штрајкот во Каталонија закажан за утре.

Во соопштението на клубот се наведува дека стадионот „Камп Ноу“ утре нема да биде отворен, а тој ден ниту една селекција на каталонскиот клуб нема да има тренинг.

И покрај фактот што шпанските власти се обидоа да го запрат одржувањето на референдумот за независност на Каталонија, тој вчера беше одржан. Дури 90 отсто од Каталонците гласале за отцепување од Шпанија.

Во нередите на денот на гласањето беа повредени повеќе од 500 граѓани. Светот ја осуди полициската бруталност, а Обединетите нации побараа од Мадрид да спроведе истрага за насилството во Барселона и во останатите градови каде што се одржуваше референдумот.

Фудбалерите на Барселона на денот на одржување на референдумот играа натпревар против Лас Палмас. Поради ситуацијата во покраината, клубот Барселона бараше натпреварот да се одложи, но доби закана од Фудбалската федерација на Шпанија – или ќе игра или ќе биде казнет.

Претседателот на Барса, Хосе Мариа Бартомеу, сепак, реши да има натпревар и покрај противењето на некои од играчите. Барселона го победи Лас Палмас на „Камп Ноу“ чии трибини беа празни.

Најверојатно поради критиките да го одиграат натпреварот, Барселона реши утре да го поддржи штрајкот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top