| четврток, 6 декември 2018 |

Доделени наградите на Европската музејска академија во Музејот на македонската борба

На свечена церемонија во Музејот на македонската борба на 30 септември (сабота) беа доделени овогодинешните награди на Европската музејска академија (ЕМА).

Домаќин на годишната конференција и церемонијата на доделување награди годинава беше Скопје и НУ Музеј на македонската борба. Во трка за наградите беа 35 музејски институции од дваесеттина земји од Европа. Наградата „Микелети“ за најдобар музеј во Европа ја освои ГПО Историскиот центар од Даблин, Ирска, посочен како исклучителен пример на музеј кој отвора емотивни историски прашања преку нивна трансформација во пораки за помирување.

Посебно признание доби музејот Алпинариум од Галтур, Австрија, а наградата ДАСА која се доделува за особени достигнувања во едукацијата во музеите заврши кај Музејот за дизајн од Копенхаген. Музејот е посочен како современа динамична институција отворена за посетители од сите возрасти и посветена на доживотното учење.

Годишната конференција на Европската музејска академија се одржа од 28 до 30 септември во Скопје во присуство на 120 музеолози од 28 земји од Европа, меѓу кои и Македонија. Освен презентациите на кандидатите за награди, на конференцијата се разменија и идеи и мислења за врската на музеите и туризмот и нивниот придонес во локалната економија. Конференцијата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Европската музејска академија (ЕМА) е непрофитна фондација со седиште во Холандија, чија цел е да ја промовира концепцијата и развојот на новите, но и традиционалните музеи како средство за општествени промени.

Наградата „Микелети“ за најдобар музеј во Европа се доделува како илустрација на најдобрите музејски практитки во соработка со фондацијата Микелети. Во оваа организација се претставени 38 земји, меѓу кои и Македонија. Фондацијата Луиџи Микелети (основана во Брешиа во 1981 година) е истражувачки центар специјализиран за историјата на 20 век. Предмет на интерес на овој центар се идеологиите на 20. век, војните, техничкиот напредок, индустријализацијата и трудот.

Изложбениот центар ДАСА од Дортмунд е едукациска установа на германскиот Федерален институт за безбедност и здравје при работа и ја информира публиката за светот на работата, статусот на индивидуалецот и општеството и важноста работата да се прилагоди на потребите на човекот. Врската меѓу луѓето, работата и технологијата е претставена на 13.000 квадратни метри и 12 изложбени единици. ДАСА се фокусира на луѓето и нивните физички, интелектуални, општествени и културни потреби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top