| четврток, 6 декември 2018 |

„Кога денот немаше име“ е филм за реалноста и бруталноста на општеството и изгубената млада генерација

Филмот „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевска и Ањес Годар зад главната камера, ги обработува, како што рече продуцентаката Лабина Митевска, проблемите на младата генерација во Македонија и меѓуетничките тензии.

Главните улоги во актерскиот тим ги играа непрофесионални глумци, одбрани на кастинг, па за нив ова беше прво филмско искуство кое долго ќе го паметат.

На овој филм Теона Стругар Митевска работеше со кинематограферката Ањес Годар, додека пак секој од нејзините претходни филмови е работен со различен кинематографер.

Лабина Митевска објасни дека Теона е режисер за кој што секој нов филм е и ново истражување, па затоа нејзините филмови се меѓусебно естетски различни. За таа цел Теона Митевска прави кастинг и за директорот на фотографија пред секој филм, како и за глумците.

-Во овој филм Теона сакаше да ја постигне реалноста и бруталноста, за разлика од „Јас сум од Титов Велес“ каде што сакаше да постигне магичност и убавина на секој кадар. Овде целта беше камерата да биде блиску до ликовите и брутално да ја прикаже реалноста во Македонија.За Ањес на овој филм предизвикот беше да работи со многу малку светлина, а за Теона беше предизвик да работи со грдотијата на животот на овој свет, за која зборува овој филм.  – објасни Лабина Митевска.

На прашањето како лично го доживува филмот, бидејќи од публиката во Македонија по проекцијата доби доста поделени мислења, Лабина истакна дека е многу горда на овој филм.

-На овој филм сум посебно горда, затоа што е авторски, многу тежок филм и зборува за работи кои сите нас не’ допираат. Фантастично поминува по фестивали, а јас како продуцент сум многу горда што филмот е продаден во цела источна Азија и во Кина, можеби ова е единствен македонски филм кој ќе биде дистрибуиран во Кина. Македонија е секогаш најтешка, бидејќи е наша земја и најкритички расположена – вели Митевска.

Актерите пак, беа едногласни дека снимањето на филмов било прекрасно искуство за нив.

Ханис Багашов рече дека самото снимање одело брзо, бидејќи подготовките претхотно траеле доволно време за сите да бидат подготвени кога ќе се отпочне со снимањето. Иван Вртев Шоптрајанов, вели дека за него било предизвик да се навикне на глумата пред камера, бидејќи имал претходно искуство со театар, каде што се бараат поекспресивни движења, кои се непотребни пред филмската камера. Игор Постолов пак, кој го игра ликот на Цветан во инвалидска количка, вели дека ова е искуство кое засекогаш ќе му остане врежано во меморијата, а на снимањето имало и комични моменти.

-За време на снимањето изедовме 160 мекици! Таа сцена каде што седиме на ручек ја снимавме два дена – рече Постолов.

На прашање зошто во филмот не е отворено назначено дека се работи за случајот „Смилковско езеро“ иако содржината е доста индикативна, Митевска одговори дека случката е само инспирација, но целта на филмот е сосем друга:

-На почетокот на филмот пишува дека филмот е инспириран од тој немил настан. Но тој  настан беше само инспирација на Теона да зборува за младите луѓе, што значи еден човечки живот. Нас не не’ интересираше да направиме документарен приказ на настанот, туку да покажеме што значи да се изгуби млад живот и преку тие животи да зборуваме за нашата реалност. На почетокот на филмот кажуваме дека филмот е инспириран од настанот, но филмот не е за тоа, нас не’ интересира да ги следиме овие млади животи и да ја прикажеме реалноста за Македонија – рече Лабина Митевска.

Лабина Митевска во овој филм се појавува и со своја улога, а со оглед на тоа што е ангажирана и како продуцентка, истакна дека за неа е секогаш предизвик да се направи таа поделба на улоги, односно максималниот ангажман во продукцискиот дел да се стави на пауза со цел да и се посвети на улогата кога работи на филмовите.

За работата како продуцент, Митевска истакна дека по завршувањето на снимањето на филмот, не е време продуцентот да се опушти – напротив.

-Дел од нашиот процес е да се бориме за нашите филмови и да ги пласираме најдобро што можеме. Агенти за продажба има многу, но проблемот е да се најде вистинскиот агент за продажба кој е добар за вашиот филм. Агенцијата која ја одбравме за овој филм е помала и зема само десет филмови годишно. Но, искрено да кажам очекувањата се надминаа. На Берлин, Кан или Венеција конкурираат помеѓу 5-8.000 годишно. Со самото влегување на фестивал како Берлин, знаеш дека филмот е на добар пат – вели Митевска.

За крај, таа заклучи дека целта на филмот е да ја прикаже болката на изгубените млади генерации.

-Мислам дека целта ни беше да ја доловиме болката на оваа изгубена генерација, нетолерантноста на општествата во кои живееме, тежината на непромислените зборови кои меѓусебно си ги упатуваме, а кои убиваат нешто во некого. И што сето тоа значи за нас како општество, што значи за ове млади луѓе и дали треба да сме потолерантни едни кон други. Овој филм зборува за многу нешта, но пред се за денешната Македонија, за оваа изгубена генерација и го поставува прашањето кон што се движиме  – изјави Митевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top