| четврток, 6 декември 2018 |

Почина човекот кој го спаси светот

Советскиот офицер Станислав Петров, кој пред 34 години го спаси светот, почина на возраст од 77 години.

Петров на 26 септември 1983 година го спаси светот, кога остана присебен и се откажа од притиснувањето на црвеното копче, што целиот свет ќе го втурнел во трета светска војна, но и нуклеарна војна.

Тој во осумдесеттите години на минатиот век бил полковник на руската војска и командант на командниот центар ОКО што се наоѓа во близина на Москва, срцето на системот што предупредува на нуклеарни проектили кои евентуално би можеле да бидат лансирани на тогашен СССР.

На 26 септември 1983 година, во првите минути по полноќ се огласил алармот. Компјутерот јавил дека кон Москва од правец на САД полетала една балистичка ракета со нуклеарна бомба, а набргу потоа се слушнало предупредување за уште четири. Ударот требало да следи за само неколку минути.

Никогаш не помислував дека би можел да се најдам во таква ситуација, иако бевме уверени дека Американците можат да нѐ нападнат и дека беше прашање на време кога тоа ќе се случи. Студената војна во тоа време беше ледено ладна, -рече Петров.

Иако според протоколот требало веднаш да испали салва нуклеарни ракети од советската база, што би погодиле цели на територијата на САД и Западна Европа, Петар се двоумел. Тој не го притиснал црвеното копче.

Сѐ беше подготвено, но не сакав да ги испалам ракетите, беше јасно дека тоа значи крајна светот каков што го познаваме. Решив да почекам. Минутите минуваа, а компјутерите покажуваа дека американските проектили се повеќе се приближуваат кон СССР. Алармот го тресеше целиот центар, но не ги истрелав ракетите, ниту пак ги информирав своите претпоставени. Тие и така ќе ми наредеа да пукам. Во такви ситуации, не можете рационално да анализирате, нема многу време, туку се потпирате на инстинктот. А тој ми кажуваше дека нешто не е во ред, -вели Петров.

Во тоа време, вели, имал две работи на ум.

Компјутерот покажуваше дека кон нас летаат пет проектили истрелани од само една база, и сите одат кон Москва. Општ напад на Американците сигурно немаше да биде ограничен на само пет проектили, туку сигурно со нив би сакале да ги осакатат нашите системи на вооружување. И второ, размислував дека компјутерот нема мозок и дека може погрешно да ги протолкува сигналите за нуклеарни ракети, – рече Петров, кој тогаш сепак одлучил да го почека ударот, дури и по цена да не може да возврати.

Компјутерите покажуваа дека проектилите се повеќе и повеќе се доближуваат, до нуклеарниот удар остануваа само неколку минути, триесет секунди, десет, пет… Луѓето во центарот се подготвија за најлошото… А потоа ништо. Ниту една експлозија над Москва. Нема трага од удар. Компјутерот сѐ уште велеше дека ракетите го погодија главниот град, но надвор, во центарот на Москва, ништо не укажуваше на такво сценарио. Беше јасно, алармот беше лажен.

Петров го пријавил инцидентот, а истрагата покажала дека рускиот сателит погрешно ги прочитал податоците поради реткиот феномен на порамнување на сончевите зраци со облаците и траекторијата на сателитот.

Петров наскоро бил пензиониран, а доживеал и нервен слом. За инцидентот ништо не се знаело до доцните деведесетти години, но во меѓувреме сѐ протекло во јавноста.

Јас не сум херој. Само ја работев својата работа. Бев на вистинското место во вистинско време, – вели Петров, пренесе РТ.

Интересно, иако спречи можна нуклеарна катастрофа, полковникот Петров ги прекршил своите наредби и воениот протокол. Поради тоа, подоцна го испитувале надредените, што, пак, довело повеќе да не го сметаат за верен воен офицер.

Советската армија не го казнила Петров, но ниту го наградила ниту му дала признание. Добил негативна оценка и неговата ветувачка воена кариера дошла до крајот. Го преселиле на помалку важна работа, а набрзо потоа и го пензионирале.

Мојата покојна жена цели десет години по инцидентот, не знаеше ништо за тоа. Еднаш ме праша што направив. Ѝ одговорив: Ништо, – рече Петров.

Петров да ги испалел нуклеарните ракети, експертите тврдат дека тоа би било крај на човештвото. Оние кои не би биле убиени од ударот, би умреле за шест до осум месеци, бидејќи силните детонации би подигнале радиоактивна прашина, која за неколку години би го затскрила сонцето предизвикувајќи нуклеарна зима што никој не би ја преживеал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top