| четврток, 6 декември 2018 |

Нов кружен тек во Скопје, Трајановски на терен (Галерија)

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ во текот на изминативе денови извршија реконструкција на два цевковода од водоводната мрежа (Ф 700 милиметри и Ф 400 милиметри) кај новиот кружен тек што се формира на улицата Христо Татарчев и булеварот Србија, поради што без вода останаа корисниците од населбите Ново Лисиче и Аеродром.

Во увид на градежните работи на оваа мрежа вчера беше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

На терен беше извршен ископ и беа поставени нови водоводни цевки и други придружни елементи. Станува збор за многу сложен зафат каков што во Скопје не е изведен во последниве 20 години.

Оваа реконструкција ќе ги олесни евентуалните идни интервенции на водоводната мрежа, доколку за тоа се јави потреба, а ќе придонесе и за поквалитетно водоснабдување во овој дел на градот.

По завршувањето на интервенцијата е нормализирано водоснабдувањето во населбите Ново Лисиче и Аеродром.

Градот Скопје упатува извинување до граѓаните за потешкотиите со кои се соочија поради прекинот во водоснабдувањето и им благодари на разбирањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top