| четврток, 6 декември 2018 |

„Отпорот е залуден“ на Валтер Сити, нова книга на „Или-или“

„Отпорот е залуден“ на италијанскиот автор Валтер Сити утре излегува во печат, информираат од издавачката куќа „Или-или“. На досега издадените книги на автори како Алесандро Барико, Итало Калвино, Николо Аманити, Даниеле дел Џудиче, Сандро Веронези, Антониот Пенаки… им се придружува и Валтер Сити со наградуваниот роман „Отпорот е залуден“, кој од италијански на македонски јазик го преведе Калина Јанева. Ова е 156. Книга во нашата популарна едиција ПРОаЗА, чие излегување е дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ.

Валтер Сити, италијански писател, книжевен критичар и есеист, е роден во Модена во 1947 година. По завршувањето на студиите во Пиза, сè до 2007 година работи како професор по современа италијанска книжевност на универзитетите во Пиза, Козенца и Аквила. Има објавено две книги книжевна критика, Реализмот на авангардата (1973) и Неореализмот во италијанската поезија (1980), како и бројни критички есеи на теми од современата италијанска поезија. Приредувач е и на собраните дела на Пјер Паоло Пазолини. По обидите да влезе во писателските води како поет, од деведесеттите години на минатиот век почнува да пишува романи, а последнава деценија има објавено и неколку збирки раскази. За романот „Отпорот е залуден“ (2012) ги добива престижните награди „Стрега“ и „Мондело“. Најновиот роман Сè да се запали (2017) предизвика силни реакции во италијанската јавност бидејќи зборува за отец-педофил опседнат со сексот.

Многу истраги ни имаат укажувано за „сивата зона“ меѓу организираниот криминал и светот на финансиите, составен од податливи банкари, бескрупулозни брокери, корумпирани политичари, втора генерација криминалци со дипломи по економски науки, топло дочекани во најраскошните и најнеочекувани средини. Но тешко е да се замислат во секојдневниот живот. Валтер Сити ги ползува ресурсите на книжевноста за да ни понуди живописен приказ на Томазо: момче со проблеми во минатото, несуден математичар и финансиски жонглер. Околу него се врти свет каде што парите владеат и изобличуваат, каде што „сопственоста е единствената вредносна мера“, телото е валута, а насилството е деловна предност. Запознаваме една умна спонзоруша и ангажирана писателка, ведар криминалец од римските предградија и меѓународен мафијаш што своето раководство го толкува како мисија. Свет каде што валканите и чистите пари се врзуваат во нераскинлив јазол, додека разликата меѓу доброто и злото се чини неизвесна и нестварна. Во своето наративно истражување на коренитите промени на совремието, Валтер Сити во „Отпорот е залуден“ го навестува задгробниот живот на демократијата: пекол што бара луцидно да се погледне и доживее пред (можеби и радикално) да се отфрли.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top