Во текот на изминатите три дена на подрачјето на СВР Скопје случени се 38 сообраќајни незгоди, од кои во четири тешко се повредени четири лица, во 19 со полесни повреди се здобиле 36 лица, а 15 сообраќајки поминале само со материјална штета.
Како што информира МВР, во петокот Сообраќајната полиција извршила увид на 12 сообраќајни незгоди од кои во една потешко е повреден еден возач на мопед, а полесно едно лице, во шест сообраќајки полесно се повредени исто толку лица, а пет поминале само со матаријална штета.
Во саботата извршен е увид во 13 сообраќајни незгоди. Во девет од нив со полесни повреди се здобиле 15 лица, а четири се со последица материјална штета.
Вчера во Скопје е извршен увид во 13 сообраќајки од кои во три потешко се повредени еден пешак и двајца сопатници, а полесно осум лица, во четири полесно се повредени шест лица, а шест сообраќајки минале со материјална штета.
Викендов полицијата откри и санкционира 98 возачи кои не ги почитувале ограничувањата на движење на возилата, 15 возачи што ги управувале своите возила под дејство на алкохол кои се исклучени од сообраќај и 13 возачи што поминале на црвено светло. Санкционирани се и 65 возачи што ги управувале своите возила без возачка дозвола и нерегистрирани, шест пешаци што поминале вон обележан пешачки премин или на црвено светло на семафорот за пешаци, 16 возачи на велосипеди со мотор, мопеди и мотоцикли кои за време на возењето на пат не го носеле заштитниот шлем на глава, како и 108 непрописно паркирани возила.
Со помош на специјалното возило „пајак“, отстранети се 132 возила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.