| четврток, 6 декември 2018 |

„Коха“: Не е јасен планот на Харадинај за Заедницата на српски општини

Се уште не е јасно што ќе одлучи новоизбраниот косовски премиер Рамуш Харадинај за формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), пишува приштинскиот весник „Коха диторе“.

Весникот наведува дека во програмата на новата Влада, именувана „Програмски принципи на Владата на Република Косово 2017-2021 година“, се зборува генерално за темите со кои ќе се занимава Кабинетот на Харадинај, но не е споменета промена во однос на ставот за ЗСО.

„Коха диторе“ потсетува дека, во времето кога Харадинај беше опозиционер, повикуваше на поништување на делот од Бриселскиот договор што се однесува на СЗО и на враќање на целиот процес од почеток.

Истовремено, косовскиот претседател Хашим Тачи истакна дека Приштина мора да ги исполни обврските кои и се дадени, наведувајќи го при тоа и спроведувањето на договорот од Брисел, пред се основањето на Заедница на српски општини.

Тачи истакна дека дијалогот нема алтернатива и дека останува единствен начин за решавање на отворените прашања меѓу Белград и Приштина, и дека завршната фаза на дијалогот, како што тој оценува, ќе донесе двострано признавање и помирување.

– Косово не може да ја гради својата евроатланска иднина врз основа на непријателство со Србија, нагласи Тачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top