| четврток, 6 декември 2018 |

Жена се обидела да провали во училиштето на принцот Џорџ

Во лондонското приватно училиште „Сент Томас“, во кое од почетокот на овој месец се школува малиот британски принц Џорџ, првото дете на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, попладнево е активирана безбедносна тревога, откако полицијата уапсила жена која провалувала во зградата.

Жената е уапсена и задржана во притвор, но полицијата и обезбедувањето кое се грижи за Џорџ, започнале со детална истрага за инцидентот.

Во соопштението на полицијата не се открива идентитетот на жената, ниту зошто таа се обидувала да провали во зградата.

Тревогата е покрената откако се дознало дека во текот на вчерашниот ден едно лице добило дозвола да може да влегува во училиштето, што се смета за прекршување на безбедноста.

Лондонските медиуми јавуваат дека полицијата, безбедносните органи и управата на училиштето детално ги проверуваат сите мерки за да се утврди колкава е сигурноста на сите деца.

Медиумите најавуваат дека по овој случај ќе дојде до измена на некои од безбедносните правила во училиштето, кое всушност е одговорно за внатрешната безбедност.

Приватните училишта имаат дополнителна безбедност за да не се случуваат вакви инциденти кои можат да доведат и до евентуално киднапирање на некое од децата кои таму престојуваат до попладневните часови.

Училиштето „Сент Томас“, во лондонскиот кварт Батерси, е избрано за малиот принц, меѓудругото, и поради неговата општа безбедност.

Џорџ бил вчера и денеска во училиштето, но се претпоставува дека не бил таму кога се случил инцидентот.

Кенсингтонската палата, официјална резиденција на војводата и војводката од Кембриџ, Вилијам и Кејт Мидлтон, одби да го коментира инцидентот.

Принцот Џорџ е третиот во редот на претендентите за британскиот престол.

Училиштето има 560 ученици од четири до 13 години. Школувањето годишно чини 17.600 фунти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top