| четврток, 6 декември 2018 |

Дебатата за законот за јазиците продолжува во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Комисијата за култура.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе ја продолжи расправата по Предлог-законот за употреба на јазиците.

Расправата за Предлог законот за употреба на јазиците во ова собраниско тело почна завчера, откако претходно доби зелено светло од Комисијата за европски прашања која за него дебатираше како матично тело.

Според образложението од Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо. Воедно се регулира и употребата на другите јазици на кои зборуваат граѓаните од заедниците кои се помалку од 20 проценти.

– Определбата за евроатлантска интеграција на Македонија е нераскинливо поврзана со потребата за целосна примена на Рамковниот договор на што укажуваат и низа заклучоци на Советот на Европа. Досегашната практика покажа недоследност во примената и опфатот на постојната правна регулатива заради што е констатирана потреба од доуредување на материјата со која се регулира употребата на јазиците од кои причини Владата на РМ предлага нов закон за употреба на јазиците, наведува предлагачот.

Како што стои во образложението на Предлог-законот, на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо на начин утврден со овој закон. Во сите органи на државната власт, централните институции, јавните претпријатија, агенциите, дирекциите, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања и други институции покрај македонскиот јазик и неговото писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на РМ. За употребата на јазикот што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните во единиците на локалната самоуправа одлучуваат органите на единиците на локалната власт.

Со Предлог законот се предвидува граѓаните да имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма и оти институциите имаат обврска да им го овозможат на граѓаните користењето, употребата и примената на тие службени јазици и нивните писма.

Со предложениот закон се уредува и употребата на јазикот од страна на избраните или именувани функционери во институциите наведени во законот, како и други институции чие седиште е во Скопје или општини во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и писмото што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Меѓу останатото се уредува и употребата на јазиците во Собранието, во Владата, како и пишувањето на називите во институциите.

На дневен ред на Комисијата за култура е Предлог законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија во прво читање.

Членовите на Комисијата ќе ги разгледаат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик во прво читање и активностите за подготовка на Предлог-програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2018 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top