| четврток, 6 декември 2018 |

Со концептот за минимална плата, СДСМ ќе ги залаже граѓаните нанесувајќи им штета

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при денешната посета на населеното место Волково истакна дека во минатото, кога СДСМ беше на влст не постоела категорија наречан минимална плата.

– Иако синдикатите тоа го бараа, иако тоа беше долгогодишно барање на работниците, се додека СДСМ ја имаше Владата такво нешто не постоеше и не се дозволуваше. Некаде во 2008 или во 2009 ВМРО-ДПМНЕ  иако го немаше ветено, за прв пат воведе Закон за минимална плата, загарантирана плата. Потоа неколку пати се зголемуваше таа минимална плата, и тоа зголемување беше согласно приликите на стопанството, согласно можностите на стопанството. Од една страна работниците да добијат поголема минимална плата, од друга страна да не пропаднат компаниите, посочи Груевски.

Според него, СДСМ во трка за повеќе гласови донесе одлука и ја објави ветување со кое предвидуваат еден непродуктивен концепт на минимална плата.

– Со кој што концепт, практично ќе ги залажат граѓаните на краток период, на штета од шест месеци до година. Потоа тој концепт станува неодржлив, така што за година до две отсега ќе стане сосема јасно за каков неодржлив концепт станува збор. Имено, она што го предвидуваат е на оние фирми кои што имаат загуби, значи на фирмите кои имаат негативно работење, кои имаат проблеми во работењето и кои што не го водат својот бизнис соодветно. Во периодот од шест, односно 12 месеци делумно, Владата да им компензира одредени средства помеѓу разликата од сегашната плата и минималната плата, но не одговараат на прашањето „Што потоа?“ Ќе поминат тие шест месеци, ќе помине една година, што потоа?, прашува Груевски, појаснувајќи дека потоа фирмите ќе ги намалуваат минималните плати, односно ќе почне концептот на враќање.

Според него, компаниите ќе ја исплаќаат минималната плата, но потоа работникот ќе биде принуден да врати дел од нив, зашто поинаку таа компанија не би можела да опстане.

– Второ, ќе почне исто така и ситуација на отпуштање на работници. Ќе почне можеби и ситуација на преселување на компании, особено на овие големите, мултинационалните компании што дојдоа во Македонија. Тие нема да си дозволат да ги принудуваат работниците да им ги враќаат парите или да ги отпуштаат или нешто слично. Ако не им се понуди некоја компензација, тие ќе си заминат, ќе одат во држава каде што комотно, по закон ќе работат и нема да бидат во ситуација да не можат да го исполнат законот. Тие не можат заради една несериозна Влада и нејзината желба да ги измами граѓаните пред избори да се доведат во ситуација да направат законски престап и да губат насекаде. Така што, ќе се доведат компаниите, и пред се работниците во една незавидна ситуација, истакна Груевски.

Вели дека постојат многу компании, особено во текстилната индустрија каде работниците земаат минимална плата, а работодавачот зема и по 4 – 5 илјади евра.

– Дури има и компании кои, како што дознав, сопственикот земал плата колку што земале сите други работници заедно. Фирмата прикажува загуба, и сега од буџетот ќе се одвојат средства за да му се надокнади на тој газда, да продолжи да се исплаќа платата, за да се оствари вештачи направениот концепт на СДСМ. Односно, да се поминат овие избори. Целта на СДСМ е да се поминат овие избори по секоја цена со некаква надеж за работниците, што ќе се случи после година – две тотално не ги интересира. Одат на краток рок, на измама и кој се измами – се измами, кој не се измами – не се измами, потенцира Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top