| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СДСМ се плаши од референдум за мигрантите бидејќи договорениот концепт може да им пропадне

Единствена одбрана и аргумент кој засега ги имаат СДСМ е дека населувањето на мигранти е нереално, а граѓаните поучени од досегашните чекори на новата Влада, аргументирано не веруваат во она што Заев го кажува. Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

– Зоран Заев и СДСМ зборуваа за многу работи дека се нереални, па испаднаа реални. Зборуваа дека двојазичноста е нереална, еве ја пред врата ни е. Зборуваа дека таа двојазичност е само во мојата глава, а еве гледаме сега како на голема врата ја воведуваат двојазичноста и објаснуваат дека тоа е согласно Уставот иако не е согласно Уставот и свесно одат кон кршење на Уставот. Заев исто така зборуваше дека договорот со Бугарија е еден многу добар, одличен компромис. Гледаме дека таму нема никаков компромис, туку има еднострано попуштање при што Заев и СДСМ се откажаа и од јазикот и од историјата и од македонското малцинство во Република Бугарија. Зборуваа дека ќе имаме 500 евра просечна плата. Не само што немаме 500 евра просечна плата, туку просечната плата почна да се намалува. Зборуваа еден куп работи со кои се виде дека се што се случува, се случува обратно. Се гледа дека нивниот концепт е на краток рок измама, а потоа како да не го кажале тоа, како да не го рекле и потоа со нови аргументи се оди со реализирање на она за кое претходно говореле дека нема да се реализира, истакна тој.

Груевски вели дека концептот со населување на мигранти, според негово мислење, има целосна оправданост што кај граѓаните се јави револт, страв и се самоорганизираа да направат ситуација во која што ќе ги заштитат своите општини.

– Дури и постапката што ја прави СДСМ преку ДИК, каде го има мнозинството и одлучувачката моќ, и обидот на ДИК која добива наредба од СДСМ да го отстрани гласањето за мигрантите низ општините на денот кога се изборите, укажува дека СДСМ не само што се плаши, туку се плаши дека нивниот веќе договорен со некого концепт може да крахира и дека нема да можат после да го спроведат тоа и да ја испорачаат фактурата некому каде што ја ветиле. Во многу развиени држави, па дури и во Америка, кога се гласаат референдуми често пати се собираат и се ставаат на денот кога има избори за да не се прават дупли, тродупли и така натаму трошоци за организирање. Сосема е нормално и очекувано од страна на граѓаните да не се прават нови трошоци и да се гласа на истиот ден. Но, гледаме дека СДСМ во желба да го оневозможи тоа и во желба да ги донесе мигрантите за да некому му се додвори, не заради мигрантите. Сите ние сочувствуваме со тие мигранти и сакаме да им помогнеме доколку поминуваат како транзит во Македонија, а и тие не сакаат да се задржат во Македонија затоа што бараат земја која што е побогата, ќе им пружи подобри услови, но намерата на Владата за да се додвори некаде е да прими голем број на мигранти, се шпекулира со бројката од над 100.000 луѓе е таква што сосема можам да ја разберам реакцијата на граѓаните, а најмногу можам да разберам тоа што не веруваат во единствениот аргумент кој го кажуваат е дека тоа било нереално, заклучи Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top