| четврток, 6 декември 2018 |

ЕЛЕМ го поништи тендерот за РЕК Битола што го доби „Фероинвест“ на Кочо Анѓушев

Фирмата „Фероинвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев доби тендер вреден 2,6 милиони евра во државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ. Според документите кои се појавија во медиумите, се работи за одлука за набавка на гумени транспортни ленти за РЕК Битола, за чија набавка конзорциумот составен од Фероинвест и Озербанд од Турција, треба да добијат над 140 милиони денари. Од Електрани на Македонија негираат дека е склучен договор. Објаснуваат дека за овој тендер досега биле одржани две аукции, но тие биле поништени по жалби од други учесници во наддавањето. Тоа значи дека следната недела ќе се одржи нова аукција за овој тендер.

„Постапката за сегашниот тендер е почната во текот на мандатот на претходното раководство на АД ЕЛЕМ. Првата електронска аукција е одржана и поништена во текот на овој мандат, втората е одржана и поништена по доаѓањето на новото раководство, а следната недела ќе има јавно наддавање по трет пат. Тоа значи дека повторно сите заинтересирани фирми ќе учествуваат во аукцијата за овој тендер.“ – соопштуваат од ЕЛЕМ

Покрај „Фероинвест“, уште две други компании, од Полска и Бугарија се во тендерската трка за да ја услужат ЕЛЕМ со гумени траки за РЕК Битола. Вицепремиерот Анѓушев досега само кратко се изјасни во однос на овој случај. Тој не гледа ништо спорно во државниот тендер, велејќи дека ако има функција во Владата, тоа не значи дека треба да стави клуч на „Фероинвест“, фирма во која тој се повлече од управител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top