| четврток, 6 декември 2018 |

Грижата кон сите категории граѓани е фундамент за нашето опстојување

Дијана Транталовска звучно име за секој вмровец, што ќе бидат вашите цели во идниот период на делување во ИК?

ТРАНТАЛОВСКА: Моето име без лажна скромност е синоним за еден од основачите и прва жена во партијата од далечната 1990 год. со функции во првиот Централен управен одбор,  во врвното раководство како член на ИО и член на ЦК се до Кичевскиот конгрес во 1994 год. кога во партијата никнаа нови воздушни корени и влегоа чудни луѓе со уште почудни задачи.

За учесниците на основачките собранија ширум Македонија нема прашалници ниту која сум, ниту зошто сум во новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Главна цел на моето сегашно делување како член на ИК ќе биде токму тоа, моето долгогодишно искуство, воспоставување на контакти токму со тие луѓе, основачи на партиските органи во населените места. Тие се крајно едноставни луѓе, големи патриоти кои си ја сакаат татковината и се загрижени за нејзиното опстојување.

Си поставив задача и веќе започнав да ја реализирам, а тоа е непосредни средби со својот народ како една од нив, да ги слушнам проблемите што ги тиштат, да ја пренесам вистинската слика од базата со цел наоѓање решенија преку политиките на партијата, како и преку програмите на градоначалниците.

Какво е расположението на старите членови, стојат ли зад политиките на партијата?

ТРАНТАЛОВСКА: Ме радува што врската со старото членство не е  прекината, ме чуствуваат за своја, се отвораат и ги кажуваат проблемите. Отворено зборуваат и за проблемите во комуникацијата со некои луѓе од минатите  раководства  на партијата и со право има незадоволство од одредени личности кои заборавиле од каде доаѓаат и кому треба да му служат.

Верувам дека оваа ситуација ќе ја надминеме и тоа брзо ќе се покаже во наредниов период. Исто така, нивните мислења по одредени прашања ќе бидат пренесувани во највисокото тело и политиките на партијата ќе ги содржат и ќе бидат одраз на интересите на поширокото членство и граѓаните.

Старите членови од секогаш ги препознаваат политиките на ВМРО ДПМНЕ во зачувување на националните цели и интереси.

Што ќе им понуди ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните повеќе од СДС, што е тоа што ве разликува?

ТРАНТАЛОВСКА: ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, партија што произлегува од народот со силна демохристијанска и конзервативна определба во чиј фокус е семејството. Тоа е партија на домаќини луѓе, со многу грижа за децата и повозрасните. Од тука и политиките на партијата за зачувување на семејството како основа на општеството и државата, заедница каде се раѓаат и воспитуваат децата и се почитуваат старите лица.

Грижата кон сите категории граѓани е фундамент за нашето опстојување. Грижата кон луѓето е и грижа за државата. Патриотизмот е нашата силна страна, а тој се докажува со посветеност во домот, на работното место, со почитување на Уставот и законите, плаќањето даноци……. Почитувањето на различностите: етнички, верски, идеолошки е исто така битен фактор во нашето делување како политичка партија и како поединци во неа. Тоа е и основа на заедничкото живеење во Република Македонија како мултикултурно општество, но не и мултетничка држава, а никако бинационална. Во тоа се разликуваме со политичкиот противник, што не прифаќаме Македонија да биде бинационална држава.

ВМРО-ДПМНЕ во децениското водење на државата покажа дека Македонија може да биде добро место за живеење и постигна значителен развој во сите сфери. Ќе имаше поголеми успеси ако не беа прекинувани мандатите, но, еве се случи нова власт и уште во првите сто дена се гледаат лошите резултати.

Граѓаните на Република Македонија ја прават разликата, знаат да проценат. Верувам дека овој мудар народ нема да потклекне на притисоците од одредени моќници, ниту пак верува во медиумските ретуширани „вистини“.

Што ќе им порачате на граѓаните на Република Македонија и членовите на партијата?

ТРАНТАЛОВСКА: Мојата порака до членството и граѓаните е да веруваат длабоко во сопственото убедување, да бидат силни и истрајни во љубовта кон татковината, да не потклекнуваат на притисоци и лажни ветувања, зашто друга татковина немаме.

Заедно сите сплотени со нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и нашиот претседател Никола Груевски ќе се избориме да си ја сочуваме куќата во чиј темел се вградени многу генерации, а многу знајни и незнајни јунаци ги дале животите за Македонија. Тоа им го должиме на претците, тоа им го должиме на идните поколенија Македонци.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top