| четврток, 6 декември 2018 |

Важни информации за натпреварот Вардар – Зенит

На пет дена пред почетокот на натпреварот со Зенит во рамките на Лига Европа, фудбалскиот клуб Вардар излезе со информации за детали околу организацијата на мечот.

Од Вардар апелираат за фер, коректно и спортско однесување на гледачите со оглед дека натпреварите во групната фаза бараат многу внимание.

– Бидејќи се работи за меч од групната фаза од Лигата на Европа, целокупната организација ќе биде на највисоко ниво, согласно строгите барања и пропозиции на УЕФА. Сите ќе мора да ги почитуваат правилата на однесување како надвор, така и на стадионот, пред и за време и по одигрувањето на натпреварите, се вели во соопштението.

Фудбалскиот клуб Вардар ја информира јавноста дека вратите за влегување на стадионот ќе бидат отворени во 18:30 часот.

– Апелираме да дојдете порано на стадион, да го заземете своето место означено на вашиот билет. Да не носите цврсти предмети на стадионот, запалки и други работи кои ќе ви бидат одземени уште пред да влезете на Националната Арена „Филип Втори“. Пушењето ќе биде забрането на сите места на стадионот, потенцираат од Вардар.

Во тек е продажба на блок билети за сите домашни натпревари од Лигата на Европа. Истата ќе трае до недела, а од понеделник почнува продажбата на индивидуални влезници, само за натпреварот со Зенит Санкт Петербург.

– Купете влезница и дојдете, заедно да ја пишуваме историјата, повикуваат од таборот на македонскиот шампион.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top