| четврток, 6 декември 2018 |

Спасовски го активира МВР: Наместо со кредибилни кандидати на изборите СДСМ ќе настапи со поткуп и притисоци

Оливер Спасовски како прв човек во МВР  треба да обезбеди строга партиска контрола врз полицијата, како и притисоци врз граѓаните својот глас да го дадат за партијата на Заев. Тоа го открива и swot анализата во штабот на СДСМ во Кисела Вода.

-Ова е swot анализа, до која дојдовме, односно swot анализа која што тие самите ја објавија а се однесува на анализа на слаби и силни страни на секоја партија која што ја прават во рамки на свој општински комитет. Јавно, дрско и брутално СДС како главна полуга на овие избори го истакнува користењето на полицијата во функција на изборите. Погледнете, прва работа која е наведена е контролата и употребата на МВР во изборни цели. Ова е тежок скандал, ова е противправно делување и ова е криминал, изјави вчера претседателот на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски.

 За ова, рече Ристовски, некој треба да одговара и мора да одговара. За ова некој ќе одговара.

-Ги повикуваме чесните полицајци да не дозволат да бидат инволвирани во вакви активности, а сите оние од СДС коишто ќе посегнат по вакво нешто, по следните предвремени парламентарни избори догодина ќе одговараат. Ова е директно мешање на партијата и државата, и директно и експлицитно злоупотребување на полицијата во партиски цели на СДС. Еве колку вреди СДС, еве колку се силни. Воопшто не се, главен аргумент за избори не им е програма, не им е работа, туку употребата на полицијата! И тоа која полиција, онаа полиција на која СДС и посакуваше Куманово да им се деси, онаа полиција која ја каменуваа, тепаа, оние полицајци кои се дел од стотината полицајци кои СДС физички ги повреди и долготрајно ги понижуваше. За какви фер избори Заев зборува, кога во време кога држи прес со амбасадорот Жбогар за демократски избори, во штабовите на неговата партија заговараат употреба на полиција за избори.

Вториот сегмент е масовната корупција преку бизнис секторот и купување на гласови, односно употреба на државниот буџет во партиски цели на СДС, за да корумпираат гласачи, за да притискаат гласачи заради социјалната помош, заради субвенциите за земјоделците, заради платите и заканите од отпуштања.

-Срамно и недостоинствено. Ова е уште еден доказ колку се слаби и колку и тие самите се свесни дека народот не ги одобрува нивните штетни политики, па сега посегнуваат по злоупотреби од најголем вид. Сакаме ова да го истакнеме за да укажеме со какви услови се соочуваме, и јасно да претставиме дека СДС нема намера за фер и демократски избори. И бараме одговорност. На совеста на ДИК, јавното обвинителство и на меѓународната заедница е дали ќе реагираат на овој тежок, навистина тежок скандал, или ќе се обидат при очи да се прават дека ова не го гледаат. Истовремено сакаме да порачаме, на овие избори на СДС нема да му помогне ништо. Ниту бандитите кои ги подготвуваат за изборни манипулации, ниту нивната партиска полиција, ниту целиот државен буџет. Одиме напред. Нашата победа веќе се чувствува и ништо и ништо нема да може да ја спречи, потенцираше Ристовски.

СДСМ знае дека ќе ги загуби изборите, тоа го потврдуваат и анализите на „Павел Шатев“

Незадоволство од работењето на новата Влада предводена од СДСМ и Зоран Заев, и неспособност како главна карактеристика е оценката која ја даваат граѓаните. Ова резултира со вртоглав пад на СДСМ, покажуваат резултатите од најновата анкета на Институтот „Павел Шатев“.

Повеќе од половина од испитаните граѓани, 52.1.процент, одговориле дека не се задоволни од досегашната работа на новата Влада.

30.9. проценти сметаат дека неспособноста е главната карактеристика на новиот тим на „Илинденска“, додека за 15.3 проценти од анкетираните тие ја продале државата.

На прашањето, „Помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кој има подобра партиска програма (без испитаници Албанци)“, високи 49.6 проценти одговориле ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ води и во однос на партискиот рејтинг и довербата која ја има кај граѓаните. На претстојните локални избори, 37.8 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, додека 20.7 отсто велат дека тоа ќе биде СДСМ.

Доколку следната недела има избори, гласот за ВМРО-ДПМНЕ би го дале 26.7 отсто од испитаниците, додека 18.8. за СДСМ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски останува лидер на партија со најголема доверба кај народот. 27.2 проценти се изјасниле дека најмногу доверба имаат во него, додека на Заев му веруваат 15.6 отсто од испитаните граѓани.

Телефонската анкета на Институтот „Павел Шатев“ е спроведена помеѓу 29 август и 1 септември на 1250 испитаници со цел да се утврди перцепцијата на македонските граѓани кон повеќе актуелни политички прашања во Република Македонија. Во истражувањето кое беше спроведено на ниво на Република Македонија, беа опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така беше направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top