Под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“ вечерва пред платото на Владата ќе се одржи централната прослава по повод 26-годишнината од осамостојувањето на Македонија.
Домаќин на централната прослава по повод Денот на независноста годинава е Владата на Република Македонија пред чие плато ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. Ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“, а танц студиото „Денсерс јунајтед МК“ ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост. Настап ќе имаат и Гудачкиот квартет – ВИВА стинг, Хорот при Македонската опера и балет, Биг бенд на Здружението на џез-музичари на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски трио, Кпурдат, Шутка Рома рап и Слаткаристика.
Во рамки на централната прослава предвидено е да се обрати и претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.
Претпладне, владина делегација ќе ја посети реставрираната спомен-куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
Одбележувањето на Денот на независноста започна вчера попладне со спортскиот настан „Трчај, играј, активирај се“ во организација на Агенцијата за млади и спорт.
Во рамки на тридневното одбележување утре делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“. Во организација на Министерството за одбрана во Крушево ќе се организира искачување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.
Република Македонија одбележува 26 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст