| четврток, 6 декември 2018 |

20 години од смртта на принцезата Дајана: Купишта цвеќе, фотографии и пораки пред Кесингтонската палата

Купишта букети, фотографии и лични пораки беа поставени денеска на портите на лондонската Кенсингтонска палата, додека Велика Британија ѝ оддава почит на принцезата Дајана на 20-годишнината од нејзината смрт во сообраќајна несреќа во Париз.

Обожавателите на кралското семејство се собраа кај палатата, поранешниот дом на Дајана, за да обележат две децении откако смртта на принцезата предизвика наплив од тага низ цела Британија и светот. Нејзините обожаватели почнаа да ѝ оддаваат почит на Дајана пред зори, поставувајќи свеќи во форма на буквата „Д“ пред портите на палатата.

„Ние никогаш не ја запознавме, ниту сме биле макар блиску до неа, но мислам дека таа допре до толку многу луѓе поради тоа што беше, поради начинот на кој се однесуваше во контекст на тоа каде живееше и каква икона стана“, вели Мара Клемич, 55, од Сиднеј, Австралија.

Принцовите Вилијам и Хари ѝ оддадоа почит на својата мајка во средата во Кенсингтонската палата, посетувајќи ја градината каде што таа шеташе и се консултираше со градинарите.

Принцовите и војвотката од Кембриџ потоа се сретнаа со некои нејзини почитувачи, но не се очекува да учествуваат во денешните настани.

Почит на „народната принцеза“ ѝ беше оддадена и во Париз, во близина на местото на смртоносната несреќа во која таа загина, каде што беа ставани цвеќиња, фотографии и пораки во нејзин спомен.

36-годишната принцеза почина во раните утрински часови на 31 август 1997 година. Нејзиниот мерцедес, гонет од папараци, удри во бетонски столб во тунелот Алма во Париз додека патуваше со повеќе од 100 км / ч.

Загинаа Дајана, нејзиното момче Доди Фаед и нивниот возач Анри Пол. Нејзиниот телохранител, Тревор Рис-Џонс, беше повреден, но преживеа.

Многумина ја искажаа својата тага на социјалните медиуми и се потсетија на нејзината љубезност, меѓу кои и нејзиниот пријател, музичарот Елтон Џон, кој на Инстаграм напиша: „На денешен ден пред 20 години светот загуби ангел“.

20 years ago today, the world lost an angel. #RIP @ejaf

A post shared by Elton John (@eltonjohn) on

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top