| четврток, 6 декември 2018 |

Божиновски: Рашковски неосновано обвинува, најавувам соодветна судска постапка


Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, реагираше во врска со обвинувањата од страна на актурлниот генералниот секретар на Влада на Република Македонија, Драги Рашковски, за кои вели дека се неосновани.

Во продолжение следува интегрален текст од писмената изјава на Божиновски.

Во врска со лагите и невистините кои Драги Рашковски ги изнесе последниве неколку дена сакам да ја дадам следнава изјава:

Во периодот од 2010 година па се до 2017 година професионално, чесно и посветено ја извршував функцијата Генерален секретар на Владата на Република Македонија, при тоа почитувајќи ги сите законски пропишани процедури и постапки.

Во интерес на вистината, во однос на предметниот случај за кој Рашковски неосновано обвинува би сакал да ги предочам овие факти кои се базирани на законот:

Сите посочени постапки за вработување се спроведени согласно Програмата за вработување на припадниците кои не се мнозинство во Република Македонија донесена на седница на Влада, поткрепена со соодветен Заклучок на Влада во кој се дадени конкретни насоки за постапување (заклучок и програма донесени на 23.1.2012 година), со кои целокупните идни вработувања на малите етнички заедници преминуваат од Секретаријатот за спроведување на Рамковен договор во генералниот секретаријат. Истовремено министерството за финансии средствата за оваа намена ги префрли од буџетот на СРД во буџетот на Генералниот секретаријат.
Пред отпочнувањето на секоја постапка за вработување во Генералниот секретаријат беше барана согласност од Министерството за финансии за обезбедени средства во Буџетот на Генералниот секретаријат за тековната година и беа запазувани сите законски одредби од Законот за државни службеници (објавен оглас во дневни весници, формирање на комисија за спроведување на селекција и интервјуа на пријавените кандидати, формирање на ранг-листа од најуспешни кандидати и финално носење на решение за вработување на најуспешниот кандидат за секое работно место).
За секој вработен по оваа Програма беше определено соодветно работно место и секој вработен ги извршуваше работните задачи (било во Генералниот секретаријат, било во друга институција каде што вработениот беше упатен да извршува работни задачи).
Да не заборавиме на политичката криза во која се наоѓаше државата и распишувањето на изборите во 2015/2016 година кога Владата на Република Македонија функционираше како техничка и голем дел од активностите кои што требаше нормално да бидат извршувани беа ставени во мирување. Тука пред се мислам на ограничувањата во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и генералните мислења на Државната комисија за спречување на корупцијата каде стриктно беше наведено што институциите смеат и можат да направат, а кои активности не се во согласност со горенаведените закони. Помеѓу активностите кои беа ставени во мирување беше токму хоризонталното прераспоредување на вработените од една во друга институција, измена на правилниците за систематизација на работните места во институциите. Ова претставува причина поради која постапките за преземање и прераспоредување на овие вработени формално-правно до крај не беа завршени, но во меѓувреме овие лица извршуваа работни задачи во Генералниот секретаријат на владата согласно сите законски прописи.
Во периодот од 2012-2014 година беше направена голема реформа во функционирањето на државната и јавната администрација со носењето на новите Закон за административни службеници и Закон за вработени во јавниот сектор што предизвика и подолг процес на усогласување на актите за систематизација на работните места во институциите согласно новите закони.
Инаку сите вработени соодветно ги исполнуваа сите права и обврски предвидени во Законот за државните службеници (сега Закон за административни службеници) и согласно тоа извршуваа работни задачи од нивниот делокруг на надлежности, и ги користеа и правата од работен однос(годишни одмори, боледувања..) и редовно беа оценувани од нивниот напосредно претпоставен.
Небулозно е Драги Рашковски да се заканува дека ќе ми поднесе некаква си кривична пријава затоа сто сум исплатувал плати на овие лица, кога и тој самиот на истите овие лица им ја исплатил платата за месеците мај, јуни и јули. Овој факт најдобро покажува дека во суштина се работи само за конструиран процес кој нема никаква суштина, туку единствено се користи како обид за девалвација на политичките противници на СДС.

Заради сето ова, од кое јасно се гледа дека законите се беспрекорно испочитувани, сакам Целосно и енергично да ги отфрлам обвинувањата од сегашниот Генерален секретар на Владата и најавувам соодветна судска постапка со цел заштита на мојот углед и угледот на сите вработени во Генералниот секретаријат.

Би апелирал кон сите кои ги следат овие настани, Да не дозволиме овој случај да ни го одвлече вниманието од незаконското работење кое сега се случува во ГС под раководството на сегашниот генерален секретар (незаконски именувања и разрешувања на функционери, назначувања на несоодветни кадри за членови во УО/НО, ангажирање на сомнителни лица како посебни советници и разно разни квази професионалци во ВРМ, владеење на непотизам при вработувања, ангажирање на адвокатски канцеларии под сомнителни услови и без спроведување на законска постапка согласно Законот за јавните набавки кои служат за вршење на закани и притисоци не само на вработените во ГС, туку и во сите други државни институции, за само еден месец од доаѓањето на Драги Рашковски во ГС беа доведени повеќе од 100 платеници чија основна и единствена задача е плукање по работењето на претходната Влада и девалвирање на трудот на секој кој претходно работел на спроведување на реформите и проектите кои беа предвидени во програмите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ)

Наместо оваа Влада да работи на унапредување на правата на малите етнички заедници и да помогне во нивното понатамошно интегрирање во државната администрација тие дополнително ги омаловажуваат и ги оставаат на маргините на општеството пробувајќи да им ја одземат и нивната можеби единствена егзистенција. Оваа политички монтирана и селективна хајка која Рашковски ја води против оваа категорија на граѓани на РМ може да остави многу семејства без приход и со тоа да им биде одземено правото на пристоен и достоинствен живот.

Би сакал да ги охрабрам засегнатите лица кои се предмет на класична политичка дискриминација да не потпаѓаат на заканите и притисоците кои им се вршат и да продолжат да работат онака како што знаат-професионално како и до сега. Ова нема долго да трае, работите набрзо ќе се променат, и сите оние кои ги организираат, инспирираат или пак учествуваат во овие монтирани и конструирани хајки и прогони ќе одговараат и ќе се соочат со правдата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top