| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО работи за СДСМ

Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ обвини денес дека СЈО му помага на СДСМ да ги добие локалните избори отворајќи истраги за членови на ДИК, за судии и за нивни функционери.

„СЈО е во служба на Заев и СДС, а не на законот и правдата. СЈО имаше задача да конструира неиздржани политички обвиненија по нарачка на Заев. СЈО требаше со конструкциите да покаже дека сите се исти во политиката. СЈО требаше да го релативизира барањето на поткуп од страна на Заев, кое го видоа сите граѓани.

СЈО успеа да конструира политички обвиненија и преку притисоци врз судот издејствува неосновани одлуки да се одземаат пасоши само на функционери на ВМРО. СЈО успеа да наметне селективен политички прогон како во времето на комунизмот, но не успеа да ја намали поддршката на ВМРО меѓу народот.

Народот ги гледа антидржавните политики на СДС и Заев и знае дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената алтернатива. Затоа Заев и СЈО се избезумени.

Сега СЈО доби нова улога како да му помогне на исплашениот Заев. Треба да се вмешаат во претстојните локални избори. Тоа го прават на два начина. Преку поведување постапка против двајца членови на ДИК треба да испратат порака и да ги заплашат и другите. Преку обвинение пет судии за донесена пресуда треба да ги изолираат нив, но и да ги заплашат другите судии од Управниот суд дека Катица Јанева и Заев се семоќни во оваа игра каде што се вклучи и Судскиот совет, кој потклекна на притисоците и без никаков аргумент им го одзеде имунитетот на судиите само затоа што суделе по закон и според сопственото судско убедување.

Однесувањето на обвинителите во СЈО е незаконско и со секојдневното нивно постапување прават кривични дела. Власта на Заев нема да трае вечно. Со неговото заминување ќе се врати правната држава, а секој индивидуално ќе одговара за незаконските постапни без разлика дали тоа го правел под притисок“, изјави Крсте Јовановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top