| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Заедно да се помолиме за успеси и спасение за секој човек, секое семејство и целата наша држава

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по повод големиот празник упати честитка до Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.

„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синодот на МПЦ-ОА, како и на сите православни верници во Република Македонија и дијаспората, од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам големиот христијански празник – Успение на Пресвета Богородица и да Ви посакам добро здравје, спокој, радост, мир и разбирање во секој дом и во секое семејство. Славејќи го овој празник, го славиме богоугодниот живот, добрината, смирението, скромноста и љубовта кон Бога и луѓето, за што не учи делото и примерот на нашата мајка – Пресвета Богородица. Како народ кој столетија наназад, со неизмерна почит, го слави овој голем христијански празник, денес истовремено ги славиме и традиционалните вредности на нашето општество и на нашите семејства. Во нашите традиционални вредности ликот и личноста на Пресвета Богородица се слика за ликот и значението на жената како мајка и столб на семејството. Вредности кои не движеле низ вековите и кои треба да ни бидат пример за насушно потребното човекољубиво функционирање и во иднина, бидејќи само така ќе се задржиме на вистинскиот пат. Славејќи го денешниот голем празник Ве повикувам заедно да се помолиме за здравје, мир, спокој, радост, благодети, успеси и спасение за секој човек, секое семејство и целата наша држава во меѓусебна љубов и закрила на Пресвета Богородица. Нека ни е честит и за многу години големиот празник, Успение на Пресвета Богородица“, пишува во честитката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top