| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски на терен: Многу проекти за граѓаните изгледа ќе мора да го почекаат враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски продолжува со теренските посети на населени места низ Македонија, денеска тој беше во посета на струшкиот регион. Првото место кое Груевски го посети во струшкиот регион беше селото Дрслајца, каде изврши увид, на патот, чиј дел е сега завршен, а во неколку фази треба целосно да се заврши.

-Таму исто така е завршена и спортската сала, која граѓаните долго време ја очекуваа, а исто така се исчисти и каналот, така што Дрслајца доби одредени работи кои што им беа неопходни. Останува понатаму да се види околу завршување на изградба на канализационата мрежа, што беше ставена во нашата изборна програма, но за жал не се реализира составувањето на Влада, така што сигурно ќе остане и во иднина кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт да се направи канализационата мрежа, изјави Груевски.

Второто населено место кое го посети Груевски, беше селото Лабуништа, каде што исто имаше средба со граѓаните, каде слушна кои се нивните проблеми и што им е потребно.

-Лабуништа е големо место, таму имаше потреба од изградба на спортска сала, таа изградба тргна, но по неколку месеци запре поради геодетски работи, кои што требаше да се средат. За жал, новата влада подоцна со донесувањето на ребалансот ги укина средставата за спортскта сала и најверојатно тоа ќе биде нешто што ќе го почека враќањето на ВМРО-ДПМНЕ за да заврши. Во Лабуништа се заврши со изградбата на здравствениот дом, но тој не се екипираше со луѓе, опремата е набавена, но не се екипираше со вработени, така што се надевам дека во иднина барем тоа ќе го заврши новата влада, изјави Груевски.

Тој напомена дека Лабуништа има многу работи кои треба да се завршат и тие ќе останат во контакт со граѓаните, за тогаш кога ќе имаат можност да го направат она што тие го бараат да го направат.

Тртетото место кое Груевски го посети во струшкиот регион беше селото Боровец. Таму како што кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се интервенирало во многу работи, меѓу кои и училиштето во тоа населено место, во делот на патиштата.

-Имав можност да поразговарам со граѓаните, да слушнам за нивните потреби понатаму, да нотраме што е потребно, за кога ќе дојде можност за такво нешто, тоа да се заврши. Ние внимателно ги правиме сите овие средби, за во оној момент кога ќе имаме можност да помогнеме на луѓето и да ги знаеме нивните приоритети, изјави Груевски.

Четвртото место каде Груевски беше во посета беше селото Јабланица, каде со пари предвидени од буџетот за 2017 година се заврши дел од патот, кој е од голема потреба на граѓаните. Како што кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,  од она што го слушнал од граѓаните е дека патот треба да почесто да се чисти, што е работа на општината, особено чистење во зима, бидејќи тие ако се натрупа со снег патот, тие не можат да излезат од таму.

-Граѓаните многу реагираат бидејќи отсечени се скоро секоја зима. Апел тука до општината тоа да го прави редовно во зимските месеци. Луѓето тука исто така се пожалија дека имаат проблеми со напонот на електрична енергија, што е обврска на ЕВН, се надевам дека тоа во иднина ќе го исправат. Она што е важно е владата сега што е на власт да го продолжи завршувањето на патот, она што е завшрено како прва фаза е завршено, но има уште неколку фази од патот кои треба да се завршат, доколку тие не го завршат се разбира со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде  завршено од наша страна, истакна Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top