| четврток, 6 декември 2018 |

Лауреатите на СВП на прием кај претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги прими годинешниот лауреат на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, американскиот поет Чарлс Симиќ, добитникот на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО, хрватскиот поет Горан Чолакхоџиќ, носителот на наградата „Браќа Миладиновци“, македонскиот поет Михаил Ренџов и организаторите на 56. издание на Струшките вечери на поезијата.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, им честитал на тројцата поети за наградите, оценувајќи ги како признание за нивната целокупна поетска дејност.

На приемот претседателот Иванов упатил честитки за успешната организација на оваа поетска манифестација и изразил очекување дека тоа ќе продолжи и во иднина.

– Струшките вечери на поезијата имаат особено значење за презентација на македонското и светското поетско творештво, и за збогатувањето на македонската култура и за севкупната афирмација на Република Македонија во светот, истакнал претседателот Иванов на средбата.

Годинешното 56-то издание на „Струшки вечери на поезијата“ се одржува од 23 до 28 август, а на него учествуваат триесетина поети од Македонија и странство.

Во 2011 година претседателот Иванов ја одликуваше манифестацијата „Струшки вечери на поезијата” со Орден за заслуги за Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top