| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележани 16 години од масакрот во мотелот „Бриони“

Со помен-парастос на православните гробишта во Челопек и на разурнатиот мотел Бриони, членовите на семејствата ја одбележаа 16-годишнината од загинувањето на Светослав Трпковски и Боге Илиевски.

Сестрата на Трпковски Живана Начевска ја искажа решеноста и по 16 години да не се откажат од барањето на правдата и откривањето на виновниците за овој трагичен настан од конфликтот во 2001 година.

– Цели 16 години чекаме правда. Се надеваме дека со новите власти ќе се открие зошто, како и кој го изврши ова недело и ќе се покрене обвинение против виновниците, 16 години никој ништо не кажува. Очекуваме тоа сега да се смени. Болката од загинувањето на Свете не може да се опише, а уште повеќе боли што на местото до загинувањето нема споменик, туку доаѓаме за одбележување на овие разурнати камења од мотелот, рече Начевска.

Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август 2001 година од се уште непознати сторители кои со динамит ги врзале двајцата за потпорните столбови и ги кренале во воздух со мотелот Бриони кај Челопек. Нивното загинување се случи две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и пет дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир. Овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи. Во стара состојба е и разурнатиот мотел Бриони бидејќи дел од албанското население од Челопек се спротиставува земјоделската задруга Единство да продолжи да стопанисува со него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top