| четврток, 6 декември 2018 |

„21 х Њујорк“ го доби годинашниот „Кромид“ на „МакеДокс“

Документарниот филм „21 х Њујорк“ на режисерот Пјотр Стасик од Полска е добитник на главната награда „Кромид“ на годинашниот 8. „МакеДокс“.

„Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор му е доделен на „Кога земјата се чини лесна“ на тројцата режисери Саломе Мачаиџе, Тамуна Карумиџе и Давид Мески, Специјалното признание отиде кај на Гиљермо Гарсија Лопез за „Кршлива рамнотежа“, додека „Кокарче“ за најдобар студентски филм му е врачена на Зофија Ковалевска од Полска за „Блиски врски“.

„Сечкан кромид“ за најдобар краток филм му е доделен на за „Не сум од овде“

Првпат на „МакеДокс“ беше доделена и награда за краток документарен филм, насловена „Сечкан кромид“, а ја доби „Не сум од овде“ на Ѓидре Жискате и Маите Алберди со едногласна одлука на жирито.

Специјално признание во селекцијата на кратки документарци доби филмот „Цуцли“ на шпанскиот автор Ксавиер Марадес, а награда за Филм со најдобри етички идеи „Машини“ од авторот Рахул Јаин од Индија.

– Наградите што секоја година ги доделуваме на последната вечер на фестивалот се инспирирани од нашиот симбол – кромидот, кој со својата повеќеслојност асоцира на различните нивоа на филмското дело, но и на различните нивоа на фестивалот, рече селекторката на филмската програма на „МакеДокс“ Петра Селишкар пред доделувањето.

Во главната програма годинава беа прикажани осум документарци, а за наградата одлучи жирито во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стин Милер одлучи да ја додели на филмот „21 х Њујорк“ на режисерот Пјотр Стасик од Полска. Во конкуренција, пак, за Наградата за етички идеи што ја доби „Машини“, влегуваа сите филмови на „МакеДокс“.

На последната вечер беа претставени и фотографиите кои произлегоа од работилницата „Камера опскура“ што ја водеше фотографот Сашо Н. Алушевски.

„МакеДокс“ беше заокружен со концерт на „Баклава“.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top