Труење во скопската сендвичарница „Седмица“ во Карпош. Дванаесет лица со симптоми на труење од храна се хоспитализирани. Јаделе сендвичи со плескавици и пилешко месо со кечап и мајонез. Од Министерството за здравство велат дека е извршен инспекциски надзор, а објектот е затворен.
Од увидот во сендвичарницата било утврдено дека општата санитарно-хигиенска состојба во објектот е добра и дека во него не се врши подготовка на храна, туку се спрема во друга работилница, лоцирана на улица Борис Трајковски и со две наменски возила се дистрибуира во овој и уште неколку објекти низ градот.
Од Министерството велат дека за сите вработени лица доставени се уредно заверени санитарни книшки за месец март.
Од сендвичарницата земени се примерок, испирок од раце на вработена која ги подготвувала плескавиците, брисеви од грло и нос на три вработени кои послужуваат на пулт и брисеви од работни површини и мостри од храна.
Од Министерството соопштија дека до завршување на вонредниот надзор, бројката на лица со стомачни тегоби, дијареа, гадење, повраќање и висока температура 39-40 степени изнесува 12.
Девет од нив се згрижени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а на инфективното одделение во ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ во моментот во дневна болница се згрижени уште тројца пациенти.
Инспекторите донеле решение за затворање на сендвичарницата и наложиле превентивно да се изврши вонредно темелно механичко чистење на просторот, опремата и работните површини, да се изврши вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација и да се изврши преглед на вработените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.