| четврток, 6 декември 2018 |

Почина Јово Никушев, едно од најпознатите фудбалски имиња во Македонија

На 86 годишна возраст денеска почина Јово Никушев, едно од најпознатите и најуспешните фудбалски имиња во историјата на Македонија.

Јово Никушев е роден 17 јануари 1931 година во Скопје. Уште како дете ја засакува фудбалската топка и како пионер започнува да игра во СК Македонија, клубот кој по фузијата со ФК Победа Скопје прерасна во најголемиот клуб во Македонија. По неколку години преминува во ФК Пролетер каде со своите другари постигнуваат забележителни резултати. Настапите на Јово ги забележуваат скопските тренери, па така добива покана да премине во тогаш најпопуларниот скопски клуб Металец.

Со Металец настапува во втората сојузна лига на поранешна Југославија. Уште како фудбалер со 26 години е назначен и за тренер на екипата, а имал и голем број настапи истовремено и како тренер и како играч.

Тренер е на ФК Работнички во тогашната силна втора сојузна лига на поранешна Југославија. Клубовите Работнички, Љуботен, Слога, Југококта, Славија ги направија најдобрите резулати со Јово.

Освен клупски тренер, Јово е долгогодишен селектор на аматерската репрезентација на Македонија за време на поранешна Југославија.

По осамостојувањето на Македонија Јово Никушев од првото раководство е поставен за прв селектор на младата репрезентација на Македонија. Јово како селектор го постигнува резултатот што до денес не е надминат. Најпрво ги победува младите репрезентации на Бугарија и Естонија со 7-­0, а една од најсилните млади селекции на Европа, репрезентацијата на Данска со 5-­2. И можеби што е најважно, како селектор прави нешто кое не се гледа често и денес – од единаесет стандардни фудбалери во младинската репрезентација, десет заиграа стандардно во сениорската селекција на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top