Островот Вис во Хрватска се подготвува за „Мама миа“, пишуваат хрватските медиуми. Првите членови на продуцентската куќа веќе се пристигнати на Вис и во строга тајност почнуваат со изработка на филмските сетови, а во почетокот на септември се очекува на островот десант да извршат вкупно 700 луѓе од филмската продукција, вклучувајќи ги тука и филмските ѕвезди како Мерил Стрип, Пирс Броснан, Колин Фирт и други.
Поради тоа Вис два месецa ќе биде во фокусот на светските медиуми, бидејќи е продолжение на хит-мјузиклот од 2008 година, кој заработи 600 милиони долари, а уште сега е означен како најскапа и најголема странска филмска продукција во историјата на Хрватска. Првиот ефект веќе е познат – островот би требало да заработи чисти 30 милиони куни.
Но, „Мама миа“ може да влијае на вкупниот живот, туризам и бизнисот со недвижностите, откако ќе заврши снимањето на филмот. И токму тоа е во фокусот на британските медиуми кои шпекулираат како Вис, токму како и грчкиот остров Скопелос, каде што беше снимен првиот дел од мјузиклот, од глобално неоткриен, див остров, може да се претвори во туристиичка мека.
Лондонски „Тајмс“ на Вис му посвети цела страница, а локалните агенти за недвижности на новинарите им објасниле дека секоја куќа која се наоѓа на брегот на Јадранско Mоре се разграбува за неколку дена. Купувачите, главно, се богати Британци или Норвежани.
Соговорниците за „Тајмс“ потврдуваат дека сегашниот бум со цените на недвижнините може двојно да биде зголемен откако „Мама миа 2“ ќе стане хит во киносалите. Камените куќи кои сега чинат околу 90 илјади евра, може да се продаваат и по 180 илјади евра.
Филмската екипа ќе ги окупира најубавите плажи на Вис на шест недели, а Вис ќе го глуми грчкиот остров Калокаири, исто како што во првиот дел тоа го стори Скопелос. Вис токму затоа е избран – еден дел е недопрена природа, далеку е од копното, достапен е само со траект или брод.
Серијата „Игра на престолите“ која се снимаше во Дубровник и околината направи многу за овој град. Економскиот институт во Загреб изнесе податок дека серијата донела заработка од 126 милиони евра за периодот од 2012 до 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.