| четврток, 6 декември 2018 |

Голем пожар кај хрватскиот град Обровац

Голем пожар избувна денеска во близина на хрватскиот град Обровац, во северниот дел на Задарската Жупанија.

Во гаснењето на пожарот учествуваат околку сто пожарникари и доброволци и шест авиони „канадери“, но справувањето со огнената стихија го отежнува силниот ветер што дува во регионот.

Пожарот се шири кон селото Модиќи, приближувајќи се кон првите селски куќи, поради што е спроведена евакуација на нивните жители.

Првиот човек на Доброволното противпожарно друштво од Обровац, Грго Шоша изјави дека според непотврдени информации пожарот веќе зафатил една куќа.

Локални жители за хрватските медиуми изјавија дека од подрачјето зафатено со пожарот повремено се слушаат експлозии на нагазни мини, кои се заостанати од времето на Војната во Хрватска во 90-те години на минатиот век.

Според нив, чадот од пожарот „го прекрил Сонцето, а насекаде има пепел“.

Поради пожарот во прекин е сообраќајот на патниот првец меѓу местата Масленица и Затон Обровачки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top