| четврток, 6 декември 2018 |

Именувањето на Дарко Лешоски за претседател на УО на СВП е навреда за Шопов, Матевски, Тодоровски

Владата на СДС и министерот за некултура Алаѓозовски продолжуваат со деградирањето на културата во Македонија. Именувањето на партискиот поет на СДС, Дарко Лешоски за претседател на Управен Одбор на Струшки вечери на поезија е навреда за овој светски реномиран поетски настан, но и за докажаните поети во Македонија, изјави денес од пред Мнистерството за култура Владимир Атанасов.

Атанасов вели дека очигледно оваа позиција тој не ја заслужил за долгогодишната поетска работа, туку само заради својот политички придонес во време на платеничката шарена револуција. Лешоски на оваа позиција е поставен експресно откако само пред неколку дена беше вработен во владата во секторот за односи со јавноста.

-Струшките вечери на поезијата е најголемата светска поетска манифестација и сега Заев ја множи со нула именувајќи го Дарко Лешоски за нејзин прв човек. Впрочем Споредете го Дарко Лешоски со имиња како Ацо Шопов, па Матеја Матевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Јован Котески, Петре Бакевски, Симон Дракул и плејада други реномирани автори кои биле на оваа позиција и ќе ви стане јасно каков е односот на новата власт кон културата, културните дејци и културните манифестации во Македонија. Очигледно фејсбук поезијата и статусите на Лешоски му се допаднале на Заев па проценил дека тоа е доволно некој да води една светски призната манифестација која во Македонија се одржува од 1966 година, истакнува Атанасов.

Тој посочува дека именувањето на ваков лик е само одраз на квази културната политика на власта која се гледа и од досегашната нивна работа.

-Во моментов се случува класичен неоварваризам во културата кој што го предводи Алаѓозовски кој поради својот вулгаризам и бесрамност е премногу и да се коментира. Тој само во 70 дена ја урниса културата во Македонија преку превземање на голем број иницијативи во насока на партизација на институциите, преку укинување на титулата национален уметник, преку кратење на националната пензија на докажани културни дејци, преку кратење на буџетските средства за филмска дејност, археолошките истражувања, изградба и реконструкции на објекти од значење на културата ширум Македонија, и сега како капак на се со именувањето на Дарко Лешоски на позицијата прв човек на Струшките вечери на поезијата.

Срамота!

Сепак се плашиме дека оваа не е дното кое што СДС и Алаѓозовски може да го допрат.

Не би не зачудило ако Дарко Лешоски на идното издание на Струшките вечери на поезијата златниот венец му го додели на Зоран Заев, па да биде заокружен целиот концепт за развој на културата на новата власт на СДС, вели Атанасов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top