| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски упорно се труди да ја манипулира јавноста

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека денешната прес конференција на Дамјан Манчевски е во најмала рака скандалозна заради тоа што Манчевски најотворено кажува дека не го почитува и нема намера да го почитува Изборниот законик.

-Имено, Изборниот законик вели дека МИОА до ДИК доставува список со податоци за актуелно вработените, од кој потоа по случаен избор, преку ждребање, ДИК ги формира избирачките одбори и комисии за потребите на локални, парламентарни и претседателски избори или референдуми. Законот не прецизира од каде и кои регистри се прибираат податоците, па од тие причини досега МИОА ги вкрстуваше податоците од регистарот на вработени (кој е нововоспоставен регистар и кој согласно Законот за вработените во јавниот сектор институциите имаат законска обврска сами да го пополнуваат), со податоците од регистрите на АВРМ, ФЗОМ, МФ, ЦР и ФПИОМ, и на тој начин до ДИК праќаше ажуриран, проверен и целосно точен список што ја одразуваше точната состојба на законски утврден датум, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека списокот за минатите парламентарни избори во декември 2016-та, откако беше подготвен преку вкрстување, беше детално проверен и потпишан од целото тогашно раководство на МИОА, вклучително и Александар Кирацовски од СДСМ, и истиот, според изјавите на членовите на ДИК, беше најпрецизен и најточен список било кога доставен до ДИК.

-Но овој пат, судејќи по изјавата на Манчевски и доставениот број на вработени, може да се заклучи дека наместо да ја повтори утврдената процедура, која бара сериозен ангажман, на ДИК му доставува нецелосен список на вработени, во кој според објавената бројка од 115.729 вработени очигледно недостасуваат десетина илјади вработени. За тоа сведочи и последниот Извештај за податоците за вработените во јавниот сектор, објавен во март 2017-та, во кој се презентирани податоци добиени преку вкрстување на повеќе регистри кои ги водат повеќе институции, а според кој точниот број на вработени на 31 декември 2016 година бил 129.653, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за да имаме веродостоен список на вработени од кој ќе се формираат комисиите за локалните избори, Манчевски мора да седне и да си ја заврши работата. Тоа што тој е повеќе на летување, отколку на работа, не го ослободува од потребата совесно и законито да работи.

Ако не знае како, не е срамота да праша, наш предлог е да го праша Кирацовски кој активно учествуваше во подготовката на списокот лани, ја познава методологијата на изработка, се увери дека е точен, и конечно, стави свој потпис на истиот. Јасно е дека Манчевски колку и да се труди не може да ги најде 180-те илјади или некој друг имагинарен број на вработени со кој упорно ја манипулира јавноста. За жал, МИОА веќе два месеци ништо не работи. Може слободно да се стави под клуч, пишува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top