| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓиевски: Спасовски да не се крие и да не молчи за случајот со застреланите деца во Струмица

Ова е местото каде што Оливер Спасовски го направи најсрамниот прес во историјата на македонската полиција. Викаше десетици медиуми под контрола на СДС и Сорос само да се пофали дека Мерцедесот во кој се возат Заев и неговите гости не го испрал две недели. Спасовски правеше спектакл од неиспран автомобил, а сега се крие и го нема да изусти барем збор на сочувство за двете деца кои беа застрелани заради непрофесионалноста и неспособноста на неговата партиска полиција, изјави денес од пред Министерството за внатрешни работи Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-16 годишно момче уште се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, а Оливер Спасовски се крие и не одговара на барањата за смена на началникот Трајанчо Пројковски одговорен за полицијата која скандалозно пукаше во деца. Ова е најдобар показател за лицемерието и животот што го најавуваше Заев. Поважен му е мерцедесот, отколку два животи на две деца, застрелани токму заради неодговорното и непрофесионално работење на нивните партиски кадри, истакнува Ѓорѓиевски.

Тој вели дека Оливер Спасовски и МВР два дена молчат за пукањето врз две малолетни деца во Струмица. Граѓаните очекуваат санкции и крај на полициската бруталност.

-Младо момче на 16 годишна возраст се бори за живот, а второто се опоравува по извршената хируршка интервенција и се уште е на лекување во струмичката болница. Кога СДС е на власт и управува со МВР, криминалот зема замав, а страдаат граѓаните. Сведоци сме на непрофесионалност и наместо заштита безбедноста и јавниот ред и мир имаме случај во кој полицаец застрела малолетници. Оливер Спасовски наместо да излезе и соопшти детали и да искаже жалење, молчи со надеж дека ќе си го заштити партискиот началник, макар убиле и 5 деца. Не е само министерот, тука е и новиот директор на БЈБ Лазе Велковски кој исто така молчи, истакнува тој.

Ѓорѓиевски вели дека се работи за случај во кој има два млади животи, а челниците во МВР се однесуваат како нивниот живот да нема вредност.

-ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека заради неспособноста, СДС ќе го пренесе хаосот во институциите. Тој хаос во полицијата загрозува животи. Тоа е директна вина на СДС со нивните кадровски политики во МВР, разрешувањето на докажани професионалци и на нивно место назначување на партиски кадри кои со нивното раководење во службите сериозно ги загрозуваат мирот и безбедноста. Првите жртви на полицијата предвидена од оваа неспособна и неодговорна Влада се два млади животи. Оливер Спасовски мора веднаш да го смени началникот на струмичката полиција. Полициското насилие кое е одлика на претходните владеења на СДС не смее повторно да стане пракса. Заев е решен на целосна партизација на МВР. Оваа беззаконие на партиските шерифи на СДС во МВР им праќа сигнал дека може да пукаат и убиваат без да бидат казнети. Впрочем Заев го унапреди полицаецот кој внесе оружје во Собранието и пукаше кон граѓаните по негова наредба, посочи Ѓорѓиевски.

Хаосот што се создава во безбедносниот сектор, вели тој, е последица на 500-те решенија кои ги поделија Спасовски и останатите функционери за да направат полиција во служба на СДС, а не на граѓаните.

Последиците се сериозни и далекусежни. СДС и сите прекршители на законите треба да знаат дека по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат санкционирани, а сите одлуки донесени од СДС ќе бидат ревидирани и исправени. Со враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. Сите од прв до последен! За криминалите и антидржавните дејствија кон државата и нејзините граѓани мора да има соодветни санкции, нагласи Ѓорѓиевски во изјавата дадена пред МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top