| четврток, 6 декември 2018 |

Повторно е активен пожарот во близина на Трескавец

Пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, повторно е активен. Во правец на село Забрчани гори сува трева. На терен има екипа од ТППЕ-Прилеп и месно население, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот, пак кај местото викано Фрлогоец на Бистра Планина е се уште активен. Гори сува трева и смрека и ниско стеблеста деградирана дабова шума. На терен се наоѓа екипа на Шумското стопанство „Лопушник“ заради преземање одредени мерки за негво локализирање.

Од ЦУК посочуваат дека се уште се активни и пожарот во атарот на селата Растеш, Заград и Волче, каде гори дабова шума, смрека и висока сува трева. Во атарот на село Растеш во моментов се ангажирани лица од месното население, Шумското стопанство и лица од општина Македонски Брод.

– Пожарот во атарот на село Грешница во моментов е под контрола и обиколен со заштитен појас. Во средината гори деградирана нискостеблеста шума, смрека. На пожарот во атарот на село Грешница ангажирани се лица од Шумското стопанство Македонски Брод. Појавен е шумски пожар во планинскиот дел близу село Богојци кон правецот на село Татеши. Пожарот е активен и зафатена е нискостеблеста и дабова шума. На негово гаснење дејствуваат екипи на ТППЕ-Струга и ЈСШП Јабланица – Струга, соопшти ЦУК.

Пожарот кој во текот на вчерашниот ден од подрачјето на општина Прилеп навлезе на подрачјето на општина Чашка во атарот на селата Смиловци и Попадија, во делот на село Смиловци е изгасен. Во текот на денешниот вработени во Шумското стопанство Бабуна гасат во атарот на село Попадија. Опожарената површина е со сува трева и нискостеблеста шума.

Пожарот во атарот на село Галиште е активен. Исто така, пожарот во месноста Мушов Гроб е активен во карпест и непристапен реон. За негово гасење во текот на денот ангажирани се вработени на ШСумското стопанство Бор Кавадарци.

– Пожарот кај Гумалево (Дејковец), кој се протега над селото Дејковец кон село Гумалево е активен. Екипите и во текот на денешниот ден продолжуваат со активностите за негово гасење. Пожарот помеѓу селата Никиштани и Грачани е активен, каде гори мешана шума. Во гасењето на пожарот учествуваше и БППЗ на град Скопје, прецизираат од ЦУК.

Пожарот во близина на село Крушевица е се уште активен во високиот непристапен терен, каде е зафатена деградирана шума. Ангажирани се лица од ЈП „Црн Бор„-Прилеп и лица од месното население.

Пожарот кај село Никодин се уште е активен во уредена шума, во правец на село Фариш. Во гасењето ангажирани се вработени од ЈП МШ „Црн Бор„-Прилеп.

– Пожарот во село Гургурница, општина Брвеница, по вчерашните интервенции од страна на вработени во ЈП Македонски шуми, ДЗС Тетово, мештаните и 5-6 пати од воздух, е под контрола. Се работи на гаснење на сува трева и нискостеблести жбунести растенија. Вработените во ДЗС, Македонски шуми и мештаните, цела ноќ се на терен и го следат и контролираат огнот, порачуваат од ЦУК.

Пожарот во село Корито, општина Гостивар, каде е зафатена сува трева и нискостеблести жбунести растенија, е под контрола и будно се следи опожареното место, но не е целосно угаснат. Направен е појас околу огнот, за да не се шири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top