| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ го турна Балканот во трговска војна

 

ЕУ бара Хрватска да ги почитува трговските договори  со земјите од западен Балкан. Комисијата ги разгледува сите механизми во случај да не се реши спорот со Загреб.Откако вчера ресорните министри од регионот побараа унијата да се вклучи во решавање на проблемот со овошјето и зеленчукот,  од таму  препорачуваат сите страни да ги почитуваат трговските обврски и да се воздржат од засилување на тензијата.

Србите од вчера први возвратија со контрамерка. Засилена царинска контрола на робата од Хрватска се врши на секој пакет, а не селективно како досега.

Во меѓувреме по вчерашното барање за средба, Хрватскиот министер за земјоделство ги повика колегите на заеднички состанок.

Трговска војна со Хрватска: Македонија ја смирува топката, Србија воведе контрамерки

Откако земјите најавија дека ќе воведат контрамерки Толушиќ изјави дека воведувањето на новиот правилник е исклучиво за заштита на квалитетот на храната која се увезува во Хрватска, а не да се нанесе штета на соседните земји. Додаде дека правилникот се однесува  не само на змејите во регионот туку и на други 164 земји во светот кои не се членки на ЕУ.

Од македонското министерство пак велат дека Николовски е во постојан контакт со колегите, и дека Загреб покажува интерес за изнаоѓање решение за проблемот. Се надеваат на скоро надминување на бариерите. Засега земјава нема да воведе контрамерка кон Загреб.

Хрватска од први август воведе за 22 отсто повисоки цени за инспекциски контроли на земјоделските производи кои се увезуваат од регионот. Со новиот правилник, надоместокот се зголеми од 12 евра на 274 евра по производ.

Со ова доколку за брзо не се реши проблемот, се нанесува сериозна штета на македонските извозници. Нивните производи ќе бидат поскапи а со тоа неконкурентни на хрватскиот пазар. Македонија во Хрватска извезува овошје и зеленчук во вредност од 5 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top