| четврток, 6 декември 2018 |

Скандал: Отровни јајца продавани во седум земји во ЕУ

Европската унија соопшти дека јајца заразени со штетниот инсектицид „фипронил“ биле продавани во седум земји, што значително го проширува географскиот простор на најновиот скандал со продажба на неисправни намирници.

Холандските власти соопштија дека на крајот на јули затвориле неколку фарми откако во јајцата пронашле висока концентрација на „фипронил“, инсектицид кој е забранет за употреба поради штетните последици врз здравјето на луѓето.

Германија, чии супермаркети се снабдуваат со холандските јајца, покрена истрага во јули.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Каиса Итконен, рекла дека Холандија, Белгија и Германија, преку системот за предупредување за безбедност на храната на ЕУ, ги предупредиле другите земји дека штетните јајца можеби се извезени и кај нив.

Холандија ја предупреди Шведска дека на почетокот на овој месец испратила од штетните јајца во таа земја, а слични предупредувања се испратени и на Швајцарија, Франција и Велика Британија.

– Сега останува на шведските, швајцарските и на француските власти да извршат проверки – рекла таа.

За хемиското загадување се дозна откако одгледувачите на живина во Холандија побараа помош од здружението Чикфренд специјализирано за искоренување на паразити што ја напаѓаат живината.

Тоа претпријатие користело „фипронил“, кој често се користи во ветеринарските препарати против паразити, но е забранет при лекување на животни што се користат за исхрана.

СЗО оцени дека „фипронил“ во големи количества е умерено отровен за луѓето затоа што може да биде штетен за бубрезите и за црниот дроб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top