| четврток, 6 декември 2018 |

Никовски: Двојазичноста значи федерализација на Македонија

Предлог-законот за употребата на албанскиот јазик, кој Владата го прифати, а наскоро треба да се најде и на дневен ред на собраниска расправа, е надвор од рамките на Охридскиот договор и значи федерализација на Македонија, смета амбасадорот Ристо Никовски.

– Суштината е јасна: со двојазичноста, Албанците во Македонија не бараат никакви додатни човекови или граѓански права туку трета албанска држава. Тоа е федерализација на Македонија на мала врата, проект на кој тие упорно работаат, а кој ќе им го отвори и патот за отцепување со политички средства. Невидена измама е дека двојазичноста е дел од Охридскиот рамковен договор, на што се повикуваат сега сите кои манипулираат со државава. Воведувањето на двојазичност во Македонија неизбежно ќе значи крај и на нејзиниот македонски карактер, смета Никовски.

И професорката Билјана Ванковска, смета дека Законот за употреба на јазиците се поставува себе над Уставот и излегува надвор од Рамковниот договор.

Таа вели дека со Законот, албанскиот јазик експлицитно се издвојува, а со цел да стане еднаков на македонскиот, на целата територија на државата.
– Нема тука никакво подобрување на статусот на другите јазици, да не се лажеме – тоа може да го каже само премиер кој сака разумните граѓани да размислуваат со негова оптимистичко-позитивна глава. Слушнавме дека законот ќе оди со “европско знаменце”, што значи набрзина иако оваа материја не е дел на правото на ЕУ. Препораките на Венецијанската комисија се само незадолжителни препораки, а најчесто се даваат со Езопов јазик, особено кога материјата е специфична за земјата во која се регулира, па се остава слобода тамошниот законодавец да изнајде решенија соодветни за тоа општество, напиша Ванковска на Фејсбук.
Амбасадорот Никовски смета дека сето тоа е обид албанското малцинство политички да се изедначи со македонското мнозинство.

– Планот, Албанците преку зголемениот наталитет, со време да станат и најбројни во државата и така целосно да ја преземат, веќе не е реален. Наталитетот им се намали а тие масовно и се иселија и сега се најверојатно под 20 проценти. Затоа не дозволуваат попис. Немаат шанси ни обидите на САД за создавање на некаква политичка нација која би се претопила во – албанска, вели Никовски.

Во Македонија од нејзиното осамостојување 3 пати се спроведувал попис. Оној во 91 се сметал за некомплетен, па нов попис се спровел во 1994 година. Последниот е спроведен во далечната 2002 година, а обид за попис имаше и во 2011 година, но тој пропадна.

Неодамна, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски потврди дека пописот на населението е дел од програмата на новата влада. Вели дека за тоа се потребни време и ресурси.

И пораката од Европската канцеларија за статистика – Евростат е дека Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис и потсети дека тој не е политичка, туку статистичка операција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top